ПОВЕЌЕ

    ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА ЈА „КРЕНАА“ МАРТОВСКАТА ПОТРОШУВАЧКА КОШНИЦА – 58.998 денари за скромна живејачка

    Време зa читање: 2 минути

    За еден месец дополнителни 1.552 денари ја оптовариле минималната синдикална кошница, која за март достигнува износ од 58.998 денари. Тие пари му се потребни на четиричлено семејство за покривање на најосновните потреби, кои најмногу се зголемиле во делот на храната и пијалаците – за 1.462 денари.

    Пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија велат – во февруари трошоците за најосновното, храна и пијалаци, биле 21.219 денари, а веќе во март е направен исчекор и достигнуваат сума од 22.681 денар. Понатаму, за образование се потребни 7.022 денари, за станарина и сите режиски трошоци – 6.014 денари, за превоз 4.945 денари, за облека и обувки 4.877 денари… Ставките се 11 на број.

    Доколку, пак, просечното семејство живее во изнајмен стан од 60 квадрати, мартовската синдикална кошничка е 74.373 денари.

    Од Синдикатот посочуваат дека од декември лани, па досега, трошоците за храна и пијалаци се зголемени за 1.951 денар или за 9,41 насто.

    „Вредноста на минималната синдикална кошница е во постојан пораст од почетокот на годината, поконкретно во март 2024 година, каде што зголемувањето е најизразено кај делот со храната и пијалоците, што е резултат дека трговците не го послушаа апелот на ССМ и неосновано, само во интерес на зголемување на својот профит, енормно ги зголемија цените на прехранбените производи, што резултира со нефер практики на трговците, и доведува до осиромашување на работниците и граѓаните, а по прекинување на мерката на замрзнати цени“, нагласено е во соопштението од ССМ.

    Ваквите движења, велат, ќе ја намалат куповната моќ на населението, па новото зголемување на минимална плата, која ќе дојде до нивото од околу 22.567 денари, нема да има позитивен ефект врз стандардот на граѓаните.

    „ССМ предлагаше продолжување на мерката за ограничување на цените во насока на заштита на животниот стандарт на работниците и граѓаните, особено поради тоа што знаевме дека алчноста и профитот на газдите ќе бидат причина за неосновано зголемување на цените на штета на работниците и граѓаните, а тоа е нешто што не смее да се дозволи“, велат од Сојузот на синдикатите.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично