Боемите велеа дека кафеаната е институција. Денес боемштината им го отстапи местото на некои нови ресторански менија со безобразно високи цени. Се загуби шармот на семејните ручеци. А, историјата кажува дека Македонија одамна била позната по своите кафеани. Според записите, на нашето подрачје уште во 1924 година имало 300 разни видови на кафеани и бифеа! Постарите скопјани го паметат Метропол, голема градска кафеана што зафаќаше голем дел од сегашниот плоштад. Во Градскиот парк се одеше во Кермез, каде што многу семејства ручаа во недела. На музика навечер се одеше и во Опатија, во Кампинг…
Кога се пресметува инфлацијата, во целиот есап се става и трошокот за ресторани и хотели. Едно е да се преживува, да се мисли само на основното – на прехрана, вода и струја, друго е да се има современ квалитетен начин на живеење… Но, иако рестораните се преполни, реално многу голем дел од граѓаните не можат да си ги дозволат.
Најновите податоци од Државниот завод за статистика кажуваат дека цените на угостителските услуги во јуни се зголемиле за 4,6 насто во однос на истиот месец во 2024 година. Во Скопје веќе кафе се служи и за 150 денари, салатите се околу 300 денари, пиците околу 350 денари, едно ќебапче колку мало прсте е 25 денари….
Со растот на угостителските услуги, растат и цените на сместувањето. Последни податоци за инфлацијата, односно на трошокот за ставката ресторани и хотели се однесуваа на мај и е 7,8 насто повисок во однос на ланскиот мај.
Пподатоците за растот на трошоците за ресторани и хотели се разочарувачки и во околните држави. Притоа, најголем раст на оваа ставка е забележан во Србија, од 10,5 насто, па 10,1 насто во Црна Гора. Во Хрватска инфлацијата на оваа ставка е 9 насто, а во Албанија е само 1,8 насто…
Инфлација на ставката ресторани и хотели во мај 2025 во однос на мај 2024 година
Извор: Национални статистики на одделни држави
Податоците јасно покажуваат дека нашите сограѓани што ќе одат на летување во која било земја во нашата околина, ќе треба да платат повеќе од лани, било да е за сместување или евентуално за ручек во ресторан.
Годишната инфлација на ставката ресторани и хотели во мај во ЕУ е 3,9 насто.
Деновиве, веб-локацијата за визуелно прикажување на бројките Вороноие ја објави листата на 50 најдобри ресторани во светот. На прво место е ресторанот Маидо во Перу. Во првите 5 се два ресторана во Шпанија, и по еден во Мексико и Данска.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска