Војните и глобалниот тренд на вооружување го направија глобално познат, а стеснетиот пазар го направи исклучително баран и – скап. Цената на металот волфрам (tungsten,анг.), супергуст материјал што се користи во опрема за дупчење, полупроводници и оружје што пробива оклоп, деновиве скокна на рекордни нивоа, бидејќи геополитичките тензии и стеснувањето на понудата го преобликуваат пазарот.
Кон крајот на март, цената на амониум параволфрам – најважниот меѓупроизвод во производството на волфрам – достигна рекордно високо ниво од 3.150 американски долари за метрички тон на пазарот во Ротердам. Ова претставува зголемување од околу 50 проценти од почетокот на војната во Иран и е споредливо по обем со истовременото зголемување на цените на нафтата.
Неполн месец претходно, на почетокот на март, односно на самиот старт од Заливската војна, според европскиот репер APT од Fastmarkets, цените се искачија над 2.250 долари по единица метрички тон, што претставуваше повеќе од двојно зголемување оваа година и зголемување од 557% откако Кина стави одредени производи од волфрам на својата листа за контрола на извозот во февруари минатата година за време на трговскиот спор со САД.
Од крајот на декември, цената се зголеми повеќе од трипати, а од јуни 2025 година, дури и се зголеми за повеќе од седумкратно. Војната во Иран, според тоа, делува како забрзувач, но не е единствената причина за наглото зголемување на цената. Клучниот фактор е Кина.
Притисоците врз снабдувањето се чини дека се интензивираат, бидејќи купувачите ги трошат залихите, а кинеските испораки се намалуваат.
Кина доминира во глобалната индустрија за волфрам, контролирајќи приближно 79–83% од глобалното производство на рудници и држејќи ги најголемите резерви, според Геолошкиот завод на САД. Неодамнешните, построги кинески контроли на извозот на волфрам со „двојна намена“ (индустриски и воен) предизвикаа значителни скокови на цените во 2025-2026 година, создавајќи ограничувања во снабдувањето. Iспораките на ограничени производи од волфрам од земјата се намалија за околу 40% минатата година, според Проектот Блу.
Клучните сектори што се погодени вклучуваат одбрана, полупроводници и производство.
Како резултат на тоа, производителите бараа алтернативни снабдувања. „Алмонти индустрис“ започна со производство во рудник за волфрам во Јужна Кореја во декември, а исто така се стреми кон развој на она што би можело да стане првиот рудник за волфрам во САД за една деценија, додека извршниот директор на компанијата рече дека американските власти неодамна ја контактирале фирмата во врска со непосредната достапност на материјали, при што речиси половина од нејзиното јужнокорејско производство е наменето за производство на муниција во Пенсилванија.
Волфрамот е исклучително тврд метал. Има највисока точка на топење од кој било метал – 3.422 степени Целзиусови. Затоа се користи за производство на противтенковска муниција и ракетни компоненти, како оние што се користеле во војната меѓу Иран и Ирак. За разлика од многу индустриски апликации, волфрамот од ракетите не може да се рециклира. Со секоја ракета што експлодира, волфрамот се губи неповратно.
Волфрамот е класифициран како критична и стратешка суровина за Европската Унија, а неговото значење во воената индустрија, особено за производство на противтенковска муниција и компоненти за ракети што не се рециклираат, дополнително придонесува за растот на побарувачката и цената.
Проектот Блу проценува дека потрошувачката на волфрам поврзана со одбранбени апликации како што се хеликоптери, борбени авиони и муниција би можела да се зголеми за 12% оваа година. Густината на металот им овозможува на проектилите да го задржат моментумот и да продираат низ оклопот, што ја објаснува неговата употреба во компоненти на ракети, артилериски гранати и противтегови на авиони. Сепак, пазарот на волфрам останува релативно мал и непроѕирен во споредба со поголемите стоки, при што „Проект Блу“ ја проценува неговата вредност на околу 16 милијарди долари оваа година, што укажува дека движењата на цените би можеле да останат нестабилни бидејќи купувачите се натпреваруваат за ограничена понуда.
(Фото: James St. John, CC)
Аналитика








