Во изминатите две недели имавме можност да видиме како најголемите светски брендови за брза храна, пред сé Burger King и KFC, се „натпреваруваат“ помеѓу себе кој ќе извади позабавна и похумористична кампања за повторното отворање на рестораните по олабавувањето на пандемиските мерки.
Најновото продолжение на овој тренд доаѓа од Германија, каде „Кралот на бургерите“ се одлучи да лансира видоизменета верзија на својата популарна картонска круна, која сега повеќе изгледа на сомбреро.
Целта за тоа, како што велат од Burger King, е да ги држи потрошувачите на минималното растојание од 2 метри, предвидено со мерките за спречување на ширењето на корона вирусот.
„Сакавме да ги зацврстиме правилата на висока безбедност и хигиенски стандарди кои се почитуваат во рестораните на Burger King. Новата „направи го сам“ круна за одржување на социјална дистанца е забавен начин како да се потсетат нашите гости да ја почитуваат мерката за социјално дистанцирање додека уживаат во храната во нашите ресторани,“ истакнал неименуван претставник од Burger King за Business Insider во однос на новата кампања.