Со рекорден буџет од над 40 милиони евра, Владата ја започна реализацијата на Оперативен план за вработување, а фокусот оваа година е ставен на младите, претприемништвото и социјалната инклузија. Веќе во првите два дена од отворањето на јавните повици за мерката самовработување се поднесени околу 1.400 апликации, што сведочи за исклучително големиот интерес.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, ги повика младите, но и сите други заинтересирани, да аплицираат на некој од трите активни јавни повици поврзани со самовработување. Тој нагласи дека Владата оваа година обезбедила историски висок буџет со дополнителни 7,5 милиони евра во споредба со минатата година, со цел да се поттикне развојот на мали бизниси и да се задржат младите во земјата.
„Нашата цел е јасна – сакаме младите да останат во Македонија. Тие имаат партнер во Владата, а доказ за тоа е што најмалку 40 отсто од сите средства во Оперативниот план се наменети токму за нив“, изјави Ристески.
Мерката самовработување овозможува финансиска поддршка, стручна помош при изработка на бизнис-план и обуки за претприемништво, како и шестмесечно менторство. Посебно се таргетирани и ранливи категории, како лицата со попреченост, жените од рурални средини и припадниците на ромската заедница.
Весна Пешова, заменик-директорка на Агенцијата за вработување, истакна дека сите граѓани можат да аплицираат во некој од 30-те центри за вработување низ државата. Таа ја потенцираше големата заинтересираност и ги охрабри присутните да не ја пропуштат оваа можност.
„Ова е шанса што не треба да се пропушти. Во првите 48 часа пристигнаа околу 1.400 пријави, што зборува дека граѓаните се подготвени да преземат иницијатива за сопствен бизнис“, рече Пешова.
Даниела Димовска, директорка за поддршка на претприемништвото, објасни дека на корисниците ќе им биде понудена и сеопфатна стручна поддршка: од советување при изработка на бизнис-план до обуки и континуирано менторство во првите месеци од работењето.
Јавните повици се отворени до 20 јуни, а Министерството за економија најави дека во наредниот период ќе следуваат и други повици во рамки на останатите мерки од Оперативниот план. Планот предвидува директна поддршка за над 16.000 граѓани во текот на 2025 година, што го прави клучен инструмент во насока на поттикнување на вработеноста и економскиот развој во државата.