Во Охрид, во организација на Македонската берза АД Скопје се одржува 24 Годишна конференција. Овој форум на кој се анализираaт состојбите и предизвиците на пазарот на хартии од вредност, треба ли регионот на ЈИЕ повеќе да се интегрира, какви се идните глобални пазарни трендови и добрите практики за корпоративно управување на едно место ги собра претставниците на повеќе сегменти од финансискиот сектор и институции на пазарот, компаниите, и државните органи, како и сите останати субјекти чија дејност е поврзана со работењето или со инвестирањето во хартии од вредност.
Конференцијата со воведни обраќања ја отворија министерот за финансии м-р Гордана Димитриеска-Кочоска, гувернерот на Народната банка д-р Трајко Славески, претседателката на Комисијата за хартии од вредност, М-р Бујаре Абази и Главниот извршен директор на Македонска берза АД Скопје Иван Штериев.
Претседателката на Комисијата за хартии од вредност м-р Бујаре Абази, во своето обраќање пред присутните истакна дека највисок приоритет за сите засегнати страни е развиен, конкурентен и интегриран пазар на капитал во европското семејство.
„Нека оваа конференција биде уште посилен поттик да ги впрегнеме потенцијалите и расположливите капацитети за понатамошен раст и развој на пазарот на капитал. Без ваков пристап попусто е да очекуваме deus ex machina,“ рече Абази.
Таа нагласи дека клучна одредница на патот кон европските пазари е воспоставување правна рамка усогласена со регулативите на ЕУ. Во таа насока, КХВ активно учествуваше во подготовката на измените на Законот за финансиски инструменти и на Законот за проспекти и обврски за транспаранетност на издавачите на хартии од вредност, со што пазарните учесници добија дополнителен период за усогласување. Абази најави и серија специјализирани работилници што ќе се одржат во ноември во Скопје, во соработка со ЕБРД и под покровителство на Министерството за финансии на Луксембург, насочени кон пазарните учесници, котирани компании и другите засегнати страни.
Таа се осврна и на важноста на дигитализацијата, истакнувајќи дека интеграцијата со регионалните пазари е неизбежен процес за создавање синергија и нови инвестициски можности. „Комисијата за хартии од вредност целосно ги поддржува иницијативите за пазарно интегрирање,“ потенцира Абази, додавајќи дека веќе се одржани првични состаноци со регулаторите од повеќе земји од Централна и Југоисточна Европа.
„Најскапата работа е довербата, која може да се стекне со години, а да се изгуби за секунди. Нашата регулаторна улога е таа доверба да ја чуваме континуирано што претставува вредност non plus ultra,“ подвлече претседателката на КХВ.
На крајот, м-р Абази упати повик за соработка: „Заедно можеме да создадеме иницијативи и проекти кои ќе донесат поголема ликвидност и конкурентност, но и иновации. Да имаме пазар кој не е само стабилен и доверлив, туку и пазар што е пример за визија, храброст и современост.