По повод почетокот на изградбата на источниот дел на железничкиот Коридор VIII, делница Куманово – Бељаковце – Крива Паланка во сабота ќе се одржи церемонија на свечено отпочнување на работите, на која се очекува да присуствува вршителот на должноста премиер на Бугарија, Галаб Донев, заедно со неговиот домаќин, премиерот Димитар Ковачевски. Како што соопштува прес-центарот на бугарската влада, на местото Шупли камен во Општина Куманово, е предвидено да се обратат премиерите Ковачевски и Донев, како и ресорни министри и претставници од институции, претпријатија и компании вклучени во проектот.
Паневропскиот коридор VIII, треба да ги поврзе Бугарија и Северна Македонија, Албанија и по морски пат со Италија. Тој е клучна рута во однос на зајакнувањето на поврзаноста на регионот, создавајќи интермодална врска меѓу Црното и Јадранското Море. Коридорот може да создаде голема додадена вредност за развојот на целиот балкански регион.
Бугарија, Северна Македонија и Албанија прават заеднички напори за негово комплетирање со изградба на главните проекти за железничка транспортна инфраструктура на нивните територии. Бугарија активно работи на вклучување на Коридорот VIII во приоритетната европска транспортна мрежа во правец Софија – Скопје – Драч – Тирана и тој да биде определен како дел од европскиот коридор „Западен Балкан“, известуваат бугарските медиуми.
Главна цел со изградбата на Коридорот 8 покрај другите карактеристики е тоа што Скопје ќе биде логистичкиот центар во овој дел на Европа водејќи сметка дека се вкрстуваат двата коридора 8 и 10, се поврзуваат Јонското и Средоземното море со Егејското и со Црното Море дека се поврзуваат повеќе држави и дека ќе биде крстосница на огромна количина на луѓе и стока која би требало да се прераспредели од централен јазол и со тоа всушност ја зголемуваме не само економската, туку и геостратешката важност, изјави за МИА директорот на ЈП МЖ Инфраструктура, Хари Локвенец.
Официјалниот почеток на градежните активности е за двете фази од пругата: делницата Куманово – Бељаковце, на која градежните работи ќе ги изведува австриската компанија „Штрабаг“, како и на делницата Бељаковце – Крива Паланка, за која изведувач е турската компанија „Ѓулермак“. Првата од Куманово до Бељаковце е во должина од 31 километар и ќе чини 40,5 милиони евра, а рокот на изведба е 24 месеци. На тој дел од Коридорот 8 ќе бидат изградени три железнички станици и шест стојалишта. Втората делница од Бељаковце до Крива Паланка во должина од 34 километри има рок на изведба од 36 месеци, ќе има две железнички станици, три стојалишта и ќе чини 155 милиони евра. Тоа значи дека до крајот на 2025 година би имале завршено двете фази од пругата кон Република Бугарија, информира денеска директорот на „ЖРСМ Инфраструктура”, Хари Локвенец.
За третата делница, од Крива Паланка до границата со Бугарија, до крајот на годинава треба да биде објавен тендер за избор на изведувач. Таа е всушност и најтешката и најскапа фаза (405 милиони евра), бидејќи во должина од 24 километри се проектирани 24 тунели и 51 мост, што значи дека на секој километар ќе има по еден тунел и два моста. За оваа делница во завршна фаза е подготовката на тендерската документација, која би требало да се објави најдоцна до почетокот на 2023 година и изборот да биде завршен до крајот на следната година, кога би требало да биде означен и почетокот на изградбата.
„Заради условите на ЕУ и заради потребата да го покажеме својот капацитет, својата подготвеност да го сработиме тоа, ние мораме да ја почнеме изведбата на овој дел од пругата кон Бугарија до крајот на 2023 година. Земајќи предвид дека предвиденото време за градба на тој дел е четири години, значи дека до крајот на 2027 година ние би имале готова пруга кон Бугарија“, информираше на неодамнешниот брифинг Локвенец.