Бугарија е сè поблиску до влез во еврозоната, но прашањето е по која цена. Земјата во април објави ненадејно и тивко намалување од 82,8% на дневните болнички трошоци – чекор што ги изненади многумина, кои отворено признаа дека причините зад одлуката не се целосно јасни.
Официјално, владата негира дека овој потег е поврзан со критериумите за членство во еврозоната. Но, економистите, како и самата Европска комисија предупредуваат дека токму овие државно контролирани цени биле клучен фактор за статистичкото исполнување на инфлацискиот критериум.
Според правилата на ЕУ, инфлацијата мора да биде најмногу 1,5 процентни поени над просекот на трите земји-членки со најниска инфлација. Во април, Бугарија постигна стапка од 2,7%, под референтната граница од 2,8%. Но, според анализите, само драстичното намалување на болничките такси одзеде 0,89 процентни поени од таа бројка без што Софија веројатно не би го поминала тестот.
Освен здравството, намалени биле и цените на железничките билети и поштенските услуги, што заедно го симнаа хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP) за 1,2 процентни поени во април. Овие интервенции го поставија прашањето: дали инфлацијата е навистина под контрола, или само привремено „маскирана“?
Стив Ханке, професор по економија и креатор на бугарскиот валутен одбор во 90-тите, отворено се сомнева во официјалните бројки: „Мислам дека постои голема веројатност податоците да се манипулирани“, изјави тој за POLITICO, истакнувајќи дека растот на паричната маса во земјата далеку го надминува нивото што би дозволило стабилни цени.
Министерството за здравство, пак, инсистира дека намалувањето на болничките такси е дел од социјална политика за олеснување на пристапот до здравствена заштита. Сепак, здруженија на лекари и директори на болници предупредуваат дека таквата одлука создава сериозни финансиски дефицити, особено за установите во руралните области. Универзитетската болница „Св. Екатерина“ во Софија, на пример, ќе изгуби околу 40.000 лева годишно.
И додека владата ги отфрла обвинувањата за манипулации, Европската комисија јасно посочува дека падот на болничките трошоци во април има значително влијание врз општата инфлациска стапка.
Конечната одлука за прием на Бугарија во еврозоната се очекува на 8 јули. До тогаш, останува отворено прашањето: дали Софија навистина ја контролира инфлацијата или само вешто ги контролира бројките?