Државата е во хаос, стопанството во клиничка смрт. Државната каса е оштетена за над 32 милијарди денари, односно за 520 милиони евра кои проектираниот буџетски дефицит не може да ги поднесе. Сепак, парите ќе се обезбедат со ребалансот, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, која соопшти дека со измените Буџетот за годинава ќе тежи 362 милијарди денари или 5,88 милијарди евра. И, нагласи дека во иднина односот кон народните пари ќе биде домаќински.
Како што соопшти, на приходната страна се очекуваат 318.150.000.000 денари (близу 5,2 милијарди евра). Тоа значи зголемување за 8,22 милијарди денари (133,5 милиони евра).
Расходите, пак, се планирани на 362.816.000.000 денари (речиси 5,9 милијарди евра). Тука ќе има зголемување од 19,178 милијарди денари (311,5 милиони евра).
Буџетскиот дефицит се зголемува на 720 милиони евра, на 4,9 проценти во однос на БДП кој е коригиран. Буџетот ќе изнесува 68 проценти од БДП, рече Димитриеска Кочоска. Таа нагласи дека првично проекитраниот БДП е неостварлив. Кај инфлацијата се предвидени 3,5 проценти, додека кај нето-платите раст од 13 насто.
За платите, посочи министерката, со ребалансот се обезбедуваат 4,1 милијарда денари (речиси 66,6 милиони евра) од кои 1,1 милијарда (17,86 милиони евра) за блок дотации кои не биле планирани во основниот Буџет. За исплата на пензиите се предвидени пет милијарди денари (81,2 милиони евра).
Во дел од институциите, потенцира Димитриеска Кочоска, биле предвидени плати само до јуни. И, додаде, при подготовката на ребалансот се тргна од претпоставките колку средства може да се прераспределат од ставки кои бележат слаба реализација.
Со прераспределбата се обезбедени 20 милијарди денари (324,86 милиони евра), а дополнителни 11 милијарди денари (178,67 милиони евра) се планирани за покривање на доспеаните, но и за обврски кои иако се законски, не биле планирани.
Резултат на тоа е зголемувањето на буџетскиот дефицит за 11,156 милиони денари (над 181 милион евра), нагласи Димитриеска Кочоска. Како што наведе, до 2028 година државата само по основа на камати треба да исплати 1,8 милијарди евра.
Освен бројките од ребалансот, министерката на јавноста и предочи дека не биле реални проекциите на Буџетот за годинава, а пари се трошеле за непродуктивни цели. Затоа очекува реакција од Основното јавно обвинителство.