Полисите за патничко осигурување кои нудат „целосна“ покриеност за нарушувања поврзани со пандемијата со коронавирусот се екстремно ретки, се вели во анализата на британското здружение за заштита на потрошувачи „Which?“.
„Which?“ анализираше 253 полиси и откри дека само две, оние на „HSB“ и „Barclays“, им нудат на патниците целосна финансиска заштита, и само на клиентите на овие банки, во пакет со други осигурувања, според „ВВС“.
Овие две полиси им нудат на клиентите осигурување во случај на откажување на патувањето поради изменетите владини упатства или забрана за патување. Тие исто така ги покриваат трошоците за патниците во случај на позитивен тест за Ковид-19 и задолжителна самоизолација, како и медицински трошоци и трошоци за враќање во Велика Британија, објави порталот Денар.
Врз основа на таа анализа, здружението ги оспори тврдењата на осигурителите дека тие нудат целосна покриеност за нарушувања поврзани со пандемија.
Додека некои компании за патничко осигурување се фалат дека нудат ковид-пакети, многу полиси исклучуваат веројатни и потенцијално скапи сценарија, како што се нови блокади во Велика Британија или во дестинацијата каде што патуваат, соопшти „Which?“.
„Како што покажува отстранувањето на Португалија од зелената листа, плановите за годишни одмори може да пропаднат во последен момент, а нашето истражување покажува дека многу осигурителни компании не нудат голема заштита од ваквиот исход“, заклучи менаџерот на „Which?“, Герет Шо.
„Владата треба да работи со регулаторите така што патниците, доколку одлучат да заминат во странство, да добијат јасни информации за тоа кои трошоци ќе бидат покриени, а кои не“, сугерира Шo.