Британската национална регулаторна агенција за реклами забрани една рекламна кампања која на луѓето во Велика Британија им предложува да купуваат биткоини, оценувајќи дека таквото рекламирање не е во ред .
На постерите од платформата за тргување со криптовалути Луно, кои оваа година беа залепени низ метроата и автобусите низ Лондон, прикажан беше цртеж со биткоин со пораката: „Ако на земја најдете биткоин, време е да го купите“, во која се користи игра на зборови со поимот underground што на англиски значи метро.
Агенцијата за стандарди за рекламирање денес објави дека таа реклама во сегашна форма не смее повеќе да се прикажува, бидејќи не ги прикажува ризиците.
Регулаторното тело изјави дека добило четири жалби во врска со тој оглас, со три обвинувања дека „рекламата не ги прикажува ризиците и ги доведува луѓето во заблуда“, а едно тврдење се однесува на тоа дека рекламата го користи неискуството или лековерноста на потрошувачите.
Според агенцијата, рекламната порака „време е да се купи“ може да се толкува како повик за акција и да создаде впечаток дека инвестирањето во биткоин е едноставно и достапно.
„Инвестирањето во биткоин е сложено, нестабилно и може да ги изложи на загуба инвеститорите, што е спротивно на впечатокот што произлегува од рекламата дека оваа инвестиција е едноставна и конвенционална. Затоа, заклучивме дека рекламата неодговорно сугерира дека инвестицрањето во биткоин преку Луно е едноставно и лесно “, е наведено во одлуката.
На компанијата Луно и беше препорачано во идните маркетинг комуникации да ја претставува „доволно јасно вредноста на инвестициите во биткоин, односно дека може да паѓаат и да растат и дека мора да ги нагласи активностите на компанијата и пазарот на биткоин кои не се законски регулирани.