Браќата Пецовски купиле акции издадени од „Реплек“. Генералниот директор и претседател на Управниот одбор, Душан Пецовски се стекнал со 30, а Владимир Пецовски со пет обични акции. Со тоа, нивниот сопственички удел е зголемен на 12,19, односно на 6,33 проценти.
Информацијата е споделена преку Македонска берза:
„Акционер со над 5% претседателот на Управен одбор Пецовски Душан се стекна со нови 30 акции, со што поседува вкупно 3.160 или 12,19% од вкупниот број на акции.
Акционер со над 5% Пецовски Владимир се стекна со 5 нови акции, со што поседува вкупно 1.640 или 6,33% од вкупниот број на акции“.
Раздвижено е на берзата кога се работи за акциите на „Реплек“, при што често како купувачи се среќаваат имињата на браќата Пецовски, особено на генералниот директор. И цената на акцијата бележи раст. Последно, на официјалната дневна берзанска листа од 20 јуни, имала просечна цена од 114.998,65 денари.