Министерот за одбрана на Босна и Херцеговина Зукан Хелез во програмата на Ал Џезира изјави дека, според непотврдени информации, во оваа земја има 20 жртви од катастрофалните поплави и одрони, откако катастрофалните поплави ја зафатија од доцна синоќа, а состојбата драстично се влоши денес.
Обилните врнежи во изминатите 24 часа предизвикаа големи проблеми во босанските општини Јабланица, Коњиќ, Кисељак, Фојница и Крешево.
Министерството за безбедност на БиХ испрати барање за помош на армијата и хеликоптерите во поплавените подрачја.
До ЕУФОР е испратено барање за ангажирање на хеликоптер за медицинска евакуација и во моментов се врши итен транспорт на тешко повредено дете од Јабланица.
Босанските власти објавија дека постои голема опасност да се загрозени човечки животи поради активирање на лизгање на земјиштето и наглото покачување на нивото на водата во населените области на Херцеговско-неретванскиот кантон (ХНК).
Истовремено, Владата на ХНК работи на активирање на хеликоптер за спас на детето во Јабланица.
Босна и Херцеговина се соочува со катастрофални поплави предизвикани од обилните врнежи во изминатите 24 часа што предизвикаа големи проблеми на подрачјето на неколку општини во Босна и Херцеговина, јави босанскиот сервис на Алџазира. Според службите за цивилна заштита, најтешка е состојбата во регионот на Јабланица.
Во текот на ноќта големи поплави зафатија делови од Јабланица, Коњице, Фојница, Кисељак, Крешево… Водата навлегла во станбени згради, патиштата и автомобилите биле под вода, а наставата е откажана на повеќе места.
Дирекцијата за цивилна заштита на Федерацијата БиХ добила информација дека најмалку пет лица загинале во поплавите кои зафатија делови од БиХ ноќта меѓу четвртокот и петокот, а во тек се проверки за да се потврди точниот број на жртви, беше потврдено денес. „Добивме информации дека пет лица загинаа во Јабланица, но тоа засега не можеме официјално да го потврдиме“, изјави Мајда Ковач, портпаролка на управата на ЦЗ во Сараево.
Секоја минута луѓето објавуваат нови фотографии и видеа кои ги покажуваат катастрофалните последици од поплавата. За жал, штетите само ќе се зголемат во наредните денови, јавуваат босанските медиуми.
Во Крешево водата носи мостови и автомобили, а навлезена е во многу домови, јавуваат локални босански медиуми.
„Вода влезе во подрумот и приземјето од куќата, ситуацијата е многу тешка. Патиштата се уништени, а пристапот до населбата станува невозможен“, вели еден од жителите на Дусина, кај Фојница.
Покрај во Фојница, алармантна е состојбата и во Крешево и Кисељак, а огромни проблеми има и во Херцеговина, особено на релација Јабланица до Мостар, Прозор и Коњиќ.
Јабланица е општината која беше најмногу погодена од поплавите, а во налетот на пороите беа уништени голем број семејни куќи во моментот кога мештаните беа во нив. Премиерката на Херцеговско-неретванската жупанија Марија Бухач најави ангажирање на сите расположливи сили за помош на Јабланица.
Јабланица од синоќа е целосно затворена за сообраќај. Неколку спасувачки екипи биле испратени на местото на настанот за да го избегнат одронот и успеале да им помогнат на настраданите. Министерот за одбрана на БиХ Зукан Хелез потврди дека армијата веќе е вклучена во спасувачката операција. Инженерската единица е веќе на терен и прави проценка, тоа ќе го направат многу брзо и дефинитивно ќе им требаат дополнителни инженерски единици“, изјави Хелез за порталот „Дневни аваз“.
Тој потврди дека хеликоптерите на вооружените сили на Босна и Херцеговина и ЕУФОР се испратени за евакуација на загрозените. Претседателот на Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина, Нермин Никшиќ изјави дека во моментов сите напори се насочени кон спасување на загрозените жители, поради што е побарана помош од полициски екипи. „Сега најважно е да се евакуира загрозеното население и да се спречат дополнителни штети“, рече Никшиќ.
Во Јабланица и во општините централна Босна, Кисељак, Крешево и Фојница, патните комуникации се прекинати или оштетени, мобилните телефонски мрежи не функционираат, а има проблеми со снабдувањето со електрична енергија и вода. Автомото-клубот на Босна и Херцеговина (БИХАМК) ги предупреди сите што патуваат од правец на северна Босна кон Херцеговина да не одат преку Сараево до Јабланица, туку да ги користат патиштата преку Бугојно и Купрес.
(Фото: кисељак.инфо, Анадолу)