ПОВЕЌЕ

    Божиќ во Швајцарија – Празнична магија со практични подароци

    Време зa читање: 6 минути

    Ако сонувате да ги поминете празниците на место што изгледа како да е украдено од разгледница, тогаш Швајцарија го повикува вашето име. Божиќ во Швајцарија е волшебен. Тоа е сезона како створена да се помине под Алпите: исполнета со божиќни пазари, колачиња, божиќни песни и Сваровски кристали. Со греано вино во рацете божиќниот дух на Швајцарија има посебен шмек

    Секој оној кој ќе се најде во оваа прекрасна земја за Божик ќе ги доживее најубавите европски традиции. Улиците се полни со светилки и декорации, на пазарите врие греано вино, а мирисот на печени костени се шири насекаде.

    Германските, француските и италијанските кантони се натпреваруваат кој повпечатливо ќе го обележи овој период со свои традиции, музика и храна.

    Туристи

    Швајцарија е мета на туристи од целиот свет во текот на целата година, но овие празници се шанса за сите љубители од целиот свет да ја доживеат во полн сјај божиќната магија. Од Германија континуирано доаѓа најголемиот прилив на туристи  вклучително и за Божик и зимските празници.

    Следат туристите од Франција, Италија, Обединетото Кралство, Шпанија. Кај жителите на овие земји расте интересот и за зимски и за ски-тури.

    Од подалечните земји тука се туристите од САД кои имаат силно и растечко присуство во зимскиот туризам, особено во ски-одморалиштата. Понатаму – Бразил, Австралија, Мексико и Сингапур: помали, но растечки сегменти.

    Кинеските туристи кои се традиционално присутни во Швајцарија. Нивниот број кој  се намали по пандемијата, сега повторно бележи раст.

    Бидејќи Швајцарија е скапа дестинација — особено во зима, најмногу доаѓаат богати туристи-скијачи во луксузните центри (Сен Мориц, Цермат), често од САД, Велика Британија и побогатите делови од Европа. Швајцарија е рај за скијање и сноубординг. Има и други активности како крос-кантри, лизгање и санкање.

    По ден поминат на снег, швајцарските бањи и термални базени се идеални за релаксација — Лојкербад, Валс и Скуол се меѓу најпознатите.

    Многумина од туристите што ја посетуваат Швајцарија во зимскиот период се од соседните европски земји. Припаѓаат на средната класа и главно доаѓаат за божиќните пазари, за светилките, традициите и културата, но и за зимски одмори во одморалиштата со средни цени.

    Колку Швајцарците трошат за Божик?

    Швајцарците сакаат да подаруваат за Божик, но тоа е секогаш во духот на внимателноста, скромноста и одржливоста. Швајцарците најмногу сакаат да добијат подароци што ќе ги изедат или испијат, а не што ќе им собираат прашина на полиците.

    Во 2025 година швајцарските потрошувачи потрошија во просек околу 341 CHF по лице за божиќни подароци, што е околу 21 насто повеќе од претходната година. Оваа бројка произлегува од неодамнешна анкета на „EY Switzerland“ и Швајцарската трговска федерација.

    Буџетите на анкетираните луѓе се движат приближно вака: 19 отсто издвоиле 301–500 швајцарски франци за подароци, 16 отсто потрошиле од 500 до 1.000 франци. Помал процент рекле – помалку од 300 франци дадени за подароци.

    Семејствата со деца за Божик секогаш планираат повисоки буџети, во просек, 449  франци.

    Според анкетите, ова се најпопуларните подароци под божиќната елка:

    ваучери / пари – омилен подарок за многу Швајцарци, бидејќи овозможуваат секој да избере што навистина сака. Околу 44 отсто Швајцарци преферираат ваучери или пари како подарок;

    играчки – вториот најчест подарок, особено за деца;

    храна, слатки, пијалаци и специјални гурмански производи – се чест избор на Швајцарците. Во маркетите можат да се забележат пакетчиња со врвни вина, ароматични маслиновии масла, зачини и тестенини;

    облека – класичен и практичен избор;

    книги – сè уште многу омилен подарок меѓу Швајцарците кои не ја загубија навиката за читање  и во дигиталниот свет;

    Козметика / производи за убавина – често подарувани продукти на возрасни, особено на жени;

    практични предмети, како мали алатки или „лајфстајл“ подароци (на пр. швајцарското армиско ноже е еден од најпопуларните подароци);

    подароци-доживувања — како билети за настани, ваучери за патување или спа-ден, се сè попопуларни, иако поретко прецизно измерени во анкетите.

    Предбожиќни традиции

    За многумина празничната сезона во Швајцарија започнува со „Räbechilbi“ — фестивал на репки. Во германскиот дел на Швајцарија еден месец пред Божиќ се изработуваат светилки од репки, издлабени и осветлени одвнатре, кои децата ги прават во училиште или во градинка. Кулминација се парадите, кадешто децата одат со светилките низ улиците, пеејќи.

    Пред Божик повеќето швајцарски семејства печат неколку видови божиќни колачиња.  Колачињата се полни со божиќни зачини и често се убаво декорирани.

    Од крајот на ноември па до крајот на декември низ целата земја се поставуваат дрвени куќарки преполни со рачно изработени подароци, украси и топли пијалаци.

    Најпознатите божиќни пазари се во Базел, Монтро, Берн, Хур.

    За разновидност, тешко дека нешто може да ги надмине божиќните пазари во главниот град Берн. На Вајзенхусплац ќе најдете традиционален пазар, додека на Мунстерплац, има прекрасни рачно изработени производи.

    Еден од најубавите пазари се одржува во Хур, во кантонот Граубинден. Во украсениот стар град блескаат светилки на над 160 тезги со рачни и локални производи. Пазарот е совршено место да се проба јачменова супа и традиционални божиќни колачиња (Маиландерли).

    Како се слави Божик?

    Во вистински швајцарски стил, Дедо Мраз пристигнува точно на време. „Самиклаус“, како што е познат во Швајцарија (или наш Свети Никола), ги посетува децата уште на 6 декември и им носи подароци. Самиклаус изгледа сосема различно од американската верзија на Дедо Мраз.

    Наместо од елени, тој е придружен од магаре, а со него доаѓа неговиот помошник Шмутцли (лик со исцрнето лице и во црна облека). Дедо Мраз им дели прилично скромни подароци на децата – благо лепче во форма на човек, чоколада и овошје.

    Главната божиќна прослава, позната како Heiliger Abend (Бадник) е на 24 декември. Голем дел од Швајцарците ја китат божиќната елка на овој ден, а подароците се разменуваат по вечерата. Бадниковата вечера е главно „фондју“ или „раклет“ (специјалитети од швајцарско жолто сирење). По вечерата многу семејства одат на полноќна литургија. Оваа традиција е особено застапена во католичките кантони кои се особено религиозни и посветени на одржување на традициите. Божиќ – 25 декември е државен празник кој се поминува дома, во семејна атмосфера, со најблиските и пријателите.

    Мимоза Петреска Георгиева

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично