ПОВЕЌЕ

    БОГАТИ ЗЕМЈИ, ПОКРАТКИ РАБОТНИ НЕДЕЛИ, а ние се давиме во формалности

    Време зa читање: 5 минути

    Ретко кој кај нас нуди скратено работно време или, пак, флексибилно, како и можност за работа од дома и од канцеларија. Некои занимања не е можно така да се организраат, но многу од нив можат, а сепак газдите не сакаат ниту да слушнат за таквиот начин на работа. Секако поентата не е во тоа со скратеното или флексибилното работно време да се намали платата на работникот, туку да се цени сработеното, место формално поминатите часови на работа, принцип кој иако срамежливо, сѐ повеќе ги освојува земјите во светот.

    Платформата за визулизација на податоциВоронои“ излезе со бројот на работни часови во една недела наспроти остварениот бруто домашен прозивод во земјите од ЕУ. Нејзиниот заклучок преточен во наслов на статијата е: „Богати земи, кратки недели: Расчекор на трудот меѓу Источна и Западна Европа“.

    „Работниот пејзаж во Европа открива јасна регионална поделба: богатите земји на север и запад, вклучувајќи ги Холандија, Германија, Швајцарија и Данска, напредуваат поради флексибилност, пократки работни недели и робусни стапки на вработеност што надминуваат 75%. Овие земји воспоставуваат рамнотежа помеѓу просперитетот и прилагодливоста, истакнувајќи како економската сила е усогласена со модерните, флексибилни работни аранжмани. Спротивно на тоа, земјите од Источна и Јужна Европа, вклучувајќи ги Романија, Бугарија, Полска и Унгарија, како и медитеранските земји како Португалија, Малта и Кипар, силно ги претпочитаат традиционалните распореди со полно работно време, при што помалку од 10% од работните места се со скратено работно време“, анализира „Воронои“.

    Податоците што ги презентира порталот, јасно го поткрепуват овој заклучок:

    1) Волуменскиот индекс на БДП по глава на жител во стандардите на куповна моќ (PPS) се изразува во однос на просекот на Европската Унија поставен на 100.
    Извор: Voronoi

    „Воронои“ ги изготвува табелите брз основа на податоците на Евростат, а таму ја нема Македонија. Но, јасно е дека учеството на вработени со скратено работно време е мало, работната недла трае 40 часа, како и дека сѐ уште сме далеку од просекот на ЕУ за БДП по глава на жител. Стапката на вработеност, пак, според последните статистички податоци е одвај 46,3%.

    ВО МАКЕДОНИЈА Е ПОТРЕБЕН НОВ ЗАКОН

    Според нашиот Закон за работни односи полното работно време не смее да биде подолго од 40 часа неделно. Работната недела по правило трае пет работни дена. Со закон, односно со колективен договор може да се одреди како полно работно време, работното време кое е пократко од 40 часа неделно, меѓутоа не помалку од 36 часа неделно. Со закон или други прописи во согласност со закон или со колективен договор може да се определи за работните места, кај кои постојат поголеми опасности од повреди или здравствени оштетувања, полното работно време да трае помалку од 36 часа неделно. Ако полното работно време не е определено со закон или колективен договор, се смета како полно работно време, работното време од 40 часа неделно. Работодавачот е должен да води евиденција за полното работно време.

    Очигледно, и законската рамка во Македонија сѐ уште не е прилагодена на новите трендови на работење и на придобивките на дигитализацијата. Нов Закон за работни односи се подготвува повеќе од пет години, но според Синдикатот, сѐ уште постои силен отпор од страна на работодавачите за да се надминат сите отворени прашања и конечно законот да види „бел ден“. Тој закон треба да го уреди и работењето од дома.

    Од друга страна, и вака поставениот закон не се почитува. Според сведочењата на повеќе работници со кои разговараше „Пари“ а кои се во услужна дејност, се работи и во саботи, како 6-ти ден во неделата, што е незаконски и тоа без никаков дополнителен надоместок.

    Во поголемите молови, пак, преку неделата има 6-часовен работен ден, а останатите часови се одработуваат токму во саботите.

    МОЖЕБИ СЕ ИСКЛУЧОЦИ, НО ИМА И ТАКВИ ШТО БАРААТ САМО ЕФИКАСНОСТ

    Минатата година осамна веста дека Друштвото за еконмско – правни услуги „Андреева Консалтинг“ воведува четиридневна работна недела. Сопственичката Александра, за порталот „Работник“ објасни дека вработените остануваат пријавени на цело работно време. На прашањето зошто се одлучила на ваков потег, Андреева истакна дека од првиот момент целта ѝ била среќен и задоволен тим, бидејќи само така може да расте еден вистински бизнис.

    Барем во јавноста, друга компанија не излезе со изјава дека воведува четиридневна работна недела. Но, неофицијално, има такви кои не го мерат времето и кои дозволуваат работа од дома по принципот да биде завршена задачата. Тоа се обично некои тинк-тенкви или некои видови на здруженија. Разговаравме со некои од директорите кои велат дека работата во време на Ковидот пандемијата им отворила нови перспективи, односно дека не мора секогаш да се биде присутен во канцеларија и да се мери времето на часовник, односно дека е важна ефикасноста на работникот.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично