Попустите за Black Friday мора да бидат прикажани во фискалните сметки. Обврска на трговците е и да издадат сметка за секоја реализирана трансакција, потсетуваат од Управата за јавни приходи во пресрет на најавениот викенд со големи намалувања на цените, популарниот Black Friday.
„Управата за јавни приходи упатува препорака до сите даночни обврзници кои ќе применуваат попусти на цените на своите производи и услуги, да ги изразат и наведат при издавање на сметката, односно, пресметаниот данок на додадена вредност да биде наведен во сметката со новосоздадената цена“, пишува во соопштението на УЈП.
Потсетување има и за трговците кои наплаќаат во кеш.
„Даночните обврзници кои вршат промет на добра и услуи, а за кои плаќањето се извршува готовински, должни се да поседуваат фискален систем на опрема (ФСО), задолжително да издаваат фискални сметки при вршење на продажба и промет и на видно место да постават соопштение со кое го информираaт купувачот на доброто за неговата обврска да побара фискална сметка“.
Воедно, се вели во соопштението, потрошувачите имаат обврска – при купување да побараат фискална сметка и поради контрола да ја сочуваат по напуштањето на местото каде што е направен прометот.
„Секој граѓанин има право и обврска да ги пријави недисциплинираните даночни обврзници кои не ги исполнуваат своите обврски и не издаваат фискални сметки“, укажуваат од УЈП и ги упатуваат граѓаните тоа да го сторат преку меил порака на [email protected] или на броевите 0800 33 000 (од фиксен телефон), 02 3253 200 (од мобилен телефон) и на 198.