ПОВЕЌЕ

    БИЗНИСОТ СÈ УШТЕ ВО НЕИЗВЕСНОСТ: Владата и МБА не се усогласија за каматите од унгарскиот кредит

    Време зa читање: 3 минути

    На вчерашната средба на премиерот Христијан Мицкоски со Македонската банкарска асоцијација што се одржа во Министерството за финансии, во обидот да се убедат банкарите да субвенционираат дел од трошоците за кредитите кои ќе се делат на компаниите од заемот од Унгарија, постигнат е заеднички став во врска со формулацијата за роковите и времетраењето за враќање на кредитите за фирмите кои ќе дојдат со заемот. Сепак, за висината на каматата е оставен простор Владата и банките оваа недела повторно да се состанат и да најдат заеднички компромис.

    -Состанокот го поделивме во три клучни дела. Во првиот дел беше разговарано за рочноста и времетраењето за отплата. Во вториот сегмент беше опфатена заинтересираноста за учество во проектот, а во третиот говоревме за аспектот на каматната стапка – посочи за јавноста премиерот Мицкоски.

    Во однос на роковите, тој истакна дека ќе се примени формулација што дозволува грејс период до три години и рок за отплата до петнаесет години. Сето ова било предложено бидејќи членките на асоцијацијата истакнале дека некои клиенти би сакале пократки рокови, затоа и го усвоиле овој пристап.

    -Во однос на каматната стапка, преговорите ќе продолжат оваа недела. Очекувам до крајот на следната недела, веројатно во втората половина, да имаме конечен став за ова прашање. Со тоа, со тоа целиот процес ќе биде финализиран и ќе можеме да започнеме со неговата имплементација во стопанството – додаде Мицкоски.

    Тој истакна дека е оптимист во однос на тоа дека заемот ќе донесе позитивен економски ефект, ќе обезбеди  финансиска стабилност и раст на македонските компании, како што вели премиерот. А, пак, поддршката од банкарските институции е од клучно значење за успешна реализација на проектот. Финансиските средства од овој заем ќе бидат наменети за компании кои бараат стабилни и прилагодливи услови за финансирање.

    Во однос на нерешеното прашање за висината на каматната стапка, пред неколку дена претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, истакна дека ако е каматата 3,25 проценти не може да се земе некоја баснословна сума за провизија.

    -Се знае колку е провизијата во однос на каматата. Така што, ќе биде тоа во рамките на очекувањата на бизнисот. Бизнисот има потреба од пари секогаш за инвестиции и од она што го знаеме од анкетите ќе има инвестициски програми коишто чекаат на реализација. Заеднички банките со смалување на нивните редовни каматни стапки за инвестициски активности и државата со оваа помош треба да помогнат бизнисот да направи чекор и да не се срамиме веќе од бројките од 1,8 проценти раст на БДП, туку да се дигне како што е предвидено на 3-4 отсто за да можеме да бидеме во рамноправна трка со сите. Вака со просек којшто е на ниско ниво 30 години практично ја загрозуваме иднината на нашите деца и не можеме да го спречиме процесот на иселување – потенцира Азески.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично