ПОВЕЌЕ

    БИТОЛСКАТА СТОПАНСКА БАНКА СО ПОТВРДА ЗА ДОБРОТО РАБОТЕЊЕ: Оперативниот резултат со „скок“ од над 80 проценти

    Време зa читање: 3 минути

    Оперативниот резултат од работењето на битолската Стопанска банка за една година има напредок од 80,82 проценти. Во периодот од први јануари па заклучно со септември го достигна нивото од 129,78 милиони денари.

    Осмислените политики за рационализација на оперативните трошоци во услови на зголемени нето-приходи од камати, придонеле за позитивни остварувања во оперативното работење. Тоа се согледува и во соодносот на оперативните трошоци со оперативните приходи (cost to income ratio), кој изнесува 71,27 проценти. Оттаму, од Банката посочуваат дека ваквата политика, при значителна активност за наплата на нефункционалните кредити и продажба на преземен имот, се очекува да резултира со позитивни поместувања во периодот што следи.

    Во сегментот кој на банките им ги носи најголемите приливи – каматите, Стопанска банка Битола бележи зголемување од речиси 39 насто. Или, во однос на остварувањето од минатата година, кај ставката нето-приходи има раст за 93,92 милиони денари. Приходите од камати се повисоки за 112,95 милиони денари, односно 35,48 проценти, додека расходите за камати бележат годишно зголемување од 19,03 милиони денари или за 24,66 насто.

    Со ова е надминат зацртаниот план за третото тримесечје од годинава – за 23,36 проценти.

    Нето-приходите од провизии и надоместоци се пониски за 10,72 милиони денари, односно за 9,94 отсто споредено со истиот лански период. Притоа, кај приходната срана е евидентирано годишно намалување од 5,19 милиони денари, додека расходите се со раст од 5,53 милиони денари. Од Банката посочуваат дека остварувањето на планот за третиот годинешен квартал кај оваа позиција изнесува 85,81 процент.

    Курсните разлики, пак, обезбедиле позитива кај нето-приходи. Се работи за 17,59 милиони денари и тука нема значајни годишни промени во апсолутен износ, а планот за третиот квартал е со реализација од 86,86 отсто.

    Останатите приходи од дејноста се пониски за 5,81 милион денари споредено со ланскиот деветмесечен период,, кога имало поголеми капитални добивки од продажба на преземен имот. Во овој сегмент планот е исполнет со 74,32 проценти.

    Според проценките за квалитетот на кредитното портфолио во значително тешки економски услови за клиентите на Банката, исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа изнесува -240,62 милиони денари. Загубата поради оштетување на нефинансиските средства на нето-основа изнесува 1,14 милиони денари, следствено на ослободената ревалоризациска резерва од продажба на преземен имот, која се должи на продажба на дел од преземениот имот.

    Кај трошоците за вработените има зголемување од 15,76 насто, а планот е остварен со 101,85 проценти. Што се однесува до останатите расходи од дејноста, тие се повисоки за 6,19 насто, со реализација од 97,08 проценти од проектираното.

    Инаку, битолската Стопанска банка не исплати дивиденда од добивката произлезена од минатогодишното работење.

    Сите овие параметри се остварени во тешки услови, при што Банката се ориентирала кон остварување на краткорочните финансиски и долгорочните стратешки цели, применувајќи флексибилен пристап кон промените во домашното и глобалното макроекономско опкружување.

    Сепак, се очекува одредено стабилизирање на макроекономското опкружување и умерено нагорно придвижување во економијата. Во фокусот на Стопанска банка АД Битола и натаму останува стабилното и профитабилно оперативно работење, со акцент на јакнењето на депозитниот потенцијал, подобрување на вкупната актива и на квалитетот на кредитното портфолио. Се со цел работењето да е профитабилно, согласно зацртаните планови.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично