Здравствената и заштитата на потрошувачите се мултислојна област со огромна важност за секојдневниот живот на граѓаните. Светскиот пазар би бил нефункционален доколку потрошувачите не се соодветно заштитени од националните и меѓународните институции, нагласил вицепремиерот Фатмир Битиќи во говорот пред претставниците на ЕУ. Како што информираат од Владата, тој денес во Брисел учествува на билатералниот состанок од Кластер 2, „Внатрешен пазар“, поточно на состанокот од поглавје 28 – „Заштитата на потрошувачите и јавно здравје“.
Вицепремиерот се осврнал на здравјето на граѓанинот, кое го претставува основниот столб за економскиот развој на едно општество и токму ова стои во поглавјето 28, за кое се дискутира деновиве и е нотиран во најновиот Извештај на Европската комисија и другите релевантни институции за државата во областа на правата на потрошувачите и здравствената заштита.
„Ќе направиме усогласување на целото домашно законодавство со законите на ЕУ во делот на заштита на потрошувачите, со посебен акцент на зголемувањето на капацитетите на нашите оперативни структури кои управуваат и вршат инспекција. Ќе вложиме многу повеќе напори во детална контрола на тутунот, ефикасно да ги спроведеме сите релевантни закони на ЕУ и конечно да го усвоиме и ратификуваме протоколот за елиминирање на недозволена трговија со производи од тутун. Ќе обезбедиме доволно финансиска поддршка за здравствените институции кои работат на специјализирано знаење за рано откривање на канцерот и ретките болести, базирајќи се на податоците од регистрите“, нагласил Битиќи.
Според најавата, во петок ќе се одржи билатералниот состанок за поглавје 2 „Слобода на движење на работници”.