Компаниите заинтересирани за склучување договори за финансиска поддршка за инвестиции имаат можност да аплицираат најдоцна до 31 мај. За поднесување барања за исплата на финансиска поддршка за реализирани инвестиции во претходната година, пријавувањето е со краен датум 31 август, известуваат од кабинетот на вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи.
Помошта од овој вид е наменета за фирми кои веќе започнале продуктивна почетна инвестиција и оствариле раст на вкупните приходи од работењето во последната година, а во однос на просекот од претходните три години. Или, пак, за покус период доколку деловниот субјект е регистриран и започнал со дејност во период помал од четири години, сметано од денот на доставување барање за доделување финансиска поддршка. Исто така, овие пропозиции важат и за компонентата вработеност, односно просечниот број вработени да не е опаднат за повеќе од пет отсто во споредба со тригодишниот просек.
Сите што ги исполнуваат овие услови може да аплицираат за добивање поддршка доколку имаат потреба од средства за нови вработувања; воспоставување и унапредување на соработка со добавувачи од земјава; воспоставување на организациони облици за технолошки развој и истражување; за инвестициски проекти од значаен економски интерес; за пораст на капитални инвестиции и приходи; за преземање на деловни субјекти во потешкотии; за зголемување на конкурентност на пазарот; за инвестиции во помалку развиените региони за поттикнување на рамномерниот регионален развој.