„Фаст Пак Трејдинг“, во сопственост на Иванчо Ивановски, е пример за тоа како бизнисмен од македонската дијаспора може да придонесува во развивањето и унапредувањето на економските врски помеѓу САД и Македонија. Од особена важност е што и сите добавувачи се македоски. Во посета на „Фаст Пак Трејдинг“ беа претседателот Стево Пендаровски и вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, во рамки на работниот престој во САД, по повод учеството на Генералното собрание на ОН.
Компанијата е основана пред 30 години, а врши дистрибуција на повеќе од 1.000 различни македонски производи во сите сојузни држави на САД.
При обиколката на дистрибутивниот центар на компанијата во Њу Џерси, вицепремиерот Битиќи ја истакна заложбата на Владата за негување и развивање на контактите со дијаспората, посебно во насока на унапредување на економските врски и создавање на стимулативни услови кои мотивирачки би делувале државата да ја препознаат како реална можност за развивање на нивниот бизнис.
„Задоволство е да се види како успесите кои се остваруваат на американскиот пазар од над 300 милиони потрошувачи во целост се засноваат на потенцијалите на стопанството во Северна Македонија. Уште повеќе радува фактот дека пазарниот успех е споделен со компании од Северна Македонија, чии производи, благодарение на претприемачките способности на Ивановски, завршуваат на пазарот во САД. Ова зборува дека во нашето стопанство имаме компетитивни компании способни да испорачаат конкурентни производи и во најсилната економија во светот. Успесите на ‘Фаст Пак Трејдинг’“ се потврда и за ефективните политики на Владата за поддршка на инвестициите, затоа што дел од добавувачите финансиски се поддржани преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите“, рече вицепремиерот Битиќи по обиколката на еден од дистрибутивните центри на компанијата.
Вицепремиерот му порача на Ивановски своето претприемачко знаење да го пренесе во Македонија, и со тоа уште подлабоко да се вклучи во градењето на економскиот развој на земјата и зголемувањето на благосостојбата на граѓаните, за што од Владата може да очекуваат силна партнерска поддршка.