ПОВЕЌЕ

    БЕЗ ГОРИВО, БЕЗ СТРУЈА, БЕЗ ИЗЛЕЗ: Куба во најтешката енергетска криза досега

    Време зa читање: 4 минути

    Куба се соочува со најтешката енергетска криза во последните децении и, според аналитичарите, буквално брои денови до целосен колапс. Според податоците на аналитичката компанија „Кплер“, резервите на нафта на островот се доволни за само 15 до 20 дена, по што земјата би можела да западне во длабока економска и социјална криза. Причината е наглото запирање на испораките на нафта, како резултат на засилената политика на притисок на САД, кои под администрацијата на Доналд Трамп очигледно го насочуваат фокусот кон Хавана.

    Извозот на сурова нафта кон Куба драстично опаѓа откако Вашингтон ја заостри блокадата на венецуелската нафта и изврши силен дипломатски притисок врз Мексико да ги стопира испораките. „Фајненшл тајмс“ објави дека Хавана оваа година добила само една пратка нафта, 84.900 барели од мексикански танкер што пристигнал на 9 јануари. Тоа значи нешто повеќе од 3.000 барели дневно, далеку под просекот од околу 37.000 барели дневно во текот на минатата година и драматично помалку од најмалку 100.000 барели дневно колку што му се потребни на островот за да ја задоволи домашната побарувачка.

    Ситуацијата дополнително се влоши по апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро на 3 јануари, по што практично беше прекинат традиционалниот „нафтен мост“ меѓу Каракас и Хавана. По таа операција, испораките од Венецуела целосно исчезнаа, а САД ја презедоа контролата врз венецуелскиот нафтен сектор. Во исто време, администрацијата на Трамп јавно порача дека „нема да има повеќе нафта ниту пари за Куба“, што беше протолкувано како директен сигнал за нова фаза на економска офанзива.

    Енергетската криза веќе има драматични последици. Куба се соочува со долготрајни и масовни прекини на електричната енергија, а државната компанија „Унион Електрика“ соопшти дека повеќе од сто постројки за дистрибуирана генерација се исклучени поради недостиг од гориво. Само по оваа основа од мрежата се исфрлени речиси 1.000 мегавати, а дополнителен удар доаѓа од недостигот на мазива, што дополнително го ослабува веќе кревкиот енергетски систем.

    Експертите предупредуваат дека без итни нови испораки, Куба ќе мора да воведе строга рационализација, што може да ги парализира транспортот, здравствениот систем и снабдувањето со основни намирници. Според проценките, резервите во складиштата изнесувале околу 460.000 барели на почетокот на годината, што значи дека, на сегашното ниво на потрошувачка, тие ќе бидат исцрпени до средината на февруари.

    Во ваков контекст, Мексико се најде меѓу чекан и наковална. Иако мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум јавно тврди дека испораките на нафта за Куба се форма на солидарност и хуманитарна помош, таа не ги демантираше информациите дека дел од планираните пратки се одложени под притисок на Вашингтон. Аналитичарите оценуваат дека реалните испораки се сведени на минимум, а секое ново испраќање гориво носи ризик од американски санкции.

    Русија и Алжир, кои во минатото ѝ помагаа на Куба, во моментов не се во позиција да обезбедат континуирани и значајни испораки. Последните регистрирани пратки од овие земји датираат од минатата година, а Кремљ засега нуди само политичка и морална поддршка. Како алтернативно решение, Хавана почна да набавува гориво од Африка, а танкер од Того се очекува да пристигне во почетокот на февруари, но аналитичарите предупредуваат дека тоа е само краткорочно олеснување.

    Паралелно со енергетската криза, кубанската влада започна и воени вежби, подготвувајќи се за можни сценарија на зголемена американска агресија. Националниот совет за одбрана одобри планови за ставање на земјата во состојба на зголемена борбена готовност, што дополнително ја нагласува сериозноста на ситуацијата.

    И покрај сè, кубанското раководство јавно демонстрира отпор. Претседателот Мигел Дијаз-Канел порача дека заканите и притисоците нема да ја скршат земјата, додека првичните протести засега не прераснаа во масовно незадоволство. Но, доколку светлата продолжат да се гасат, а бензинските пумпи да остануваат празни, прашањето не е дали, туку кога енергетската криза ќе прерасне во политичка.

    (Фото: Unsplash)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично