Македонија се посветува на активностите кои значат развој и просперитет на државата, при што се имаат предвид Глобалните цели за одржлив развој утврдени од ОН.
„Заедно со ОН, со кои и досега имаме одлична соработка и партнерски однос, подготвувавме Национална стратегија за развој која ги дефинира приоритетите и го опишува развојниот пат на земјата во наредните 20 години. Економски развој, заштита на животна средина и енергија, како и јавни финансии се главни идентификувани области во Стратегијата која треба да биде готова до крајот на оваа година“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими на средбите во седиштето на ОН, со заменик-генералниот секретар на Амина Мохамед и со регионалната директорка за Европа и Централна Азија, Ивана Живковиќ, соопшти Министерството за финансии.
Земјата добива континуирана поддршка од оваа светска организација, а значајните области во кои е насочена се зелената агенда или заштита на животната средина, унапредувањето на децентрализацијата, сузбивање на сивата економија…, наведе министерот.
„Можам да потврдам дека нашата земја е една од деветте држави во светот на која и е одобрена поддршка на проект од Фондот за цели за одржлив развој – SDG фонд. Станува збор за проект за воспоставување инструмент за финансирање зелени проекти за подоборување на квалитетот на воздухот и борба со климатските промени. Целта е полесен пристап до средства за проекти за обновлива енергија и енергетска ефикасност за домаќинстватa и за малите и средни претпријатија. Фондот обезбедува 7,9 милиони американски долари, Владата ќе кофинансира со средства во износ од 800 илјади американски долари, а заедно со ЕБОР и вклучените банки програмата се проценува на 46,5 милиони американски долари. Се очекува средствата за крајните корисници да бидат на располагање во средината на оваа година. Тоа ќе овозможи забрзана примена на обновливи извори за енергија и енергетска ефикасност, а кои ќе придонесат кон намалување на загадување на воздухот. Проектот ќе се имплементира од страна на агенциите при Обединетите нации – УНДП, Меѓународна организација за миграција (IOM) и Економска комисија на ОН за Европа (UNECE) – во партнерство со ЕБРД“, рече Бесими.
Со програмите на ОН се работи и на унапредување на фискалната децентрализација, ставање во функција на воспоставените два фонда со Законот за финансирање на локална самоуправа, Фонд за воедначување и Фонд за перформанси, како и за подобрување на капацитетите на општините за наплата на сопствените приходи. Се преземаат активности за сузбивање на неформалната економија, како и за поддршка на области кои се најпогодени од енергетската и ценовната криза. За поддршка во овие области веќе е потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството за финансии и УНДП, програма на ОН.
Средбите во ОН се во рамки на посетата на САД, каде што Бесими заедно со гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска ќе учествува на Пролетните средби на Светска банка и на Меѓународниот монетарен фонд.
Овие средби, кои на едно место обединуваат министри, гувернери, претставници на приватен сектор, на граѓански организации и експерти, даваат можност за голем број формални и неформални средби помеѓу учесниците.
Во фокусот на Пролетните средби се предизвиците со кои се соочува светот, како може да се одговори на нив со истовремена промоција на раст и просперитет за сите. Предвидени се бројни настани посветени на глобалната економија, меѓународниот развој и светските финансиски пазари.