Главниот критериум во креирање на мерките од деветтиот пакет антикризни мерки беше поддршка на најранливите категории и креирање потаргетирани мерки, кои се во вредност од 662 милиони евра, од кои 81 милион евра се директна поддршка од Буџетот, а останатите се вонбуџетски средства преку поволни заеми за стопанството и за ЕСМ за субвенционирање на цената на електричната енергија. Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во гостување во ТВ 24, каде потенцира дека средствата за овој пакет мерки се обезбедени во буџетот преку редовни јавни приходи и дека за тоа нема дополнително задолжување.
„Со мерките ќе се подобри стандардот на пензионерите, ќе се поддржат учениците, студентите, земјоделците… Целта е да се задржи стандардот, но и да се поддржи и стопанството преку потрошувачката. Поголем ефект од мерките ќе има кај стопанството кои ќе се поддржат со кредити од Развојната банка и комерцијалните банки од околу 400 милиони евра во инвестиции и мултипликаторниот ефект. Средствата ќе бидат со поволни услови, со пониски камати коишто ќе се субвенционираат преку Буџетот со цел компаниите да платат пониски камати отколку оние на пазарот”, рече Бесими.
Но, исто така, ќе има и мерки за поддршка на фирмите. Ќе се даде поддршка на ликвидноста и поттикнување на конкурентноста на фирмите, како и за инвестиции во обновливи извори на енергија во приватниот сектор. Предвидени се заеми за мали и средни претпријатија во износ од 10 милиони евра, за инвестиции во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Во соработка со ЕИБ е предвидена поволна седма кредитна линија за зелена транзиција вредна 100 милиони евра за инвестиции, а во соработка со Француската агенција за развој, предвидена е поволна кредитна линија во износ од 50 милиони евра за поддршка на женското претприемништво, дигитализација и проекти што придонесуваат за намалување на негативните ефекти од климатските промени и проекти со позитивен придонес за животната средина. Планирани се и 50 милиони евра во соработка со Банката за развој на Советот на Европа за поволни заеми за мали и средни претпријатија, создавање и зачувување на работни места, поддршка на женско претприемништво за зелени инвестиции. Преку инструментот на ЕБОР за зелено финансирање ќе се поддржат малите и средните претпријатија, но и поединци и домаќинства за инвестиции во обновливи извори и енергетска ефикасност.
Министерот појасни дека за реализација на антикризните мерки во 2023 година се одвоени 189 милиони евра, додека во 2024 година 327 милиони евра, затоа што мерките ќе се спроведуваат до крајот на оваа година и во првата половина од 2024 година. Притоа, напомена, дека станува збор за пакет кој е планиран и најавуван претходно, проектиран во буџетите и дека се реализира во текот на зимскиот период, а со цел да се заштити стандардот на граѓаните, но и да се поддржи економијата.
Тој додаде дека дополнителна поддршка за економијата и за забрзување на растот е реализацијата на капиталните проекти за кои покрај оние 733 милиони евра предвидени во буџетот за 2024 година, но инвестициите од приватниот сектор. При тоа посочи дека не очекува изборниот процес да има влијание врз реализација на инвестициите, кои пак ќе бидат главен двигател на растот.
„Растот на БДП за 2024 година е проектиран на 3,4%, инфлација е 3,6% и дефицитот 3,4%. Тоа е уште една порака дека инфлацијата е веќе стабилизирана и дека ќе се даде можност на инвестициите кои се битен фактор што ќе го повлечат растот. Инвестициите во 2024 ќе имаат динамика на раст од 8,4%, растот на финалната потрошувачка е проектиран на 2,7% на приватната 3,1%. Главен двигател ќе бидат инвестициите и 2,6% од предвидениот раст од 3,4% ќе се должи на инвестициите”, истакна министерот Бесими.
Мерките од деветтиот пакет антикризни мерки предвидуваат поддршка за пензионерите со ниски пензии до 19.000 денари, во износ од 1.500 до 3.000 денари месечно во период од 5 месеци. Ќе се поддржат и учениците од основно и средно образование кои доаѓаат од семејства со пониски приходи, односно до две минимални плати. Предвидена е финансиска поддршка од 1.200 денари месечно во траење од 6 месеци за основците и 1.800 денари месечно во траење од шест месеци за средношколците. Студентите ќе добијат ваучери за превоз. Дополнително предвидени се мерки за поддршка на земјоделците за авансна исплата на субвенции, системски мерки со кои ќе се поддржат вработените во јавниот сектор и пензионерите, кои согласно донесениот закон ќе добијат усогласување на пензиите во март и септември следната година.