ПОВЕЌЕ

    Берзата во плус фаза – што го крена адреналинот на инвеститорите?

    Време зa читање: 3 минути

    Не било здодевно на берзата во првата половина од годинава. Раздвиженоста се манифестира со плусеви во статистиката, кои прават разлика во шестмесечните остварувања лански и годинешни. Всушност, тоа е освежување и во однос на целата 2023 година, кога на овој максимално чувствителен терен се рефлектираа серија домашни и надворешни влијанија и состојби. Накусо, берзата крена глава.

     

    Сликата претставена преку полугодишниот статистички билтен на Македонска берза е следна: пазарна капитализација – 280.530.289.358 денари (4,55 милијарди евра) и раст од 28,17%; промет – 3.881.963.875 денари (над 63 милиони евра) и раст од 46,22%; број на трансакции 10.210 со зголемување од 70,22%; МБИ10 – 7.704,56 или вредност повисока за 34,85%.

    Кај сегментите кои го сочинуваат вкупниот промет има високи процентуални поместувања од над 90 насто. Во класичното тргување е забележан раст на прометот од 94,04 проценти. Или, од 1.471.037.453 денари во ланското на 2.818.545.209 денари во годинешното шестмесечие. Прометот од тргувањето со акции е зголемен за 94,34 проценти (од 1.336.039.224 денари на 2.596.485.704 денари), а со обврзници за 90,63 насто (од 116.489.729 денари на 222.059.505 денари).

    Понатаму, просечниот дневен промет достигнал 23.685.254 денари (384,8 илјади евра), додека во споредбениот период изнесувал 12.004.372 денари (над 195 илјади евра). Овде зголемувањето е за 97,31 процент. Веројатно, тоа се должи на повеќето трансакции, каде што кај дневниот просек има исчекор од 49 на 85, што претставува раст од 73,47 насто.

    Потфрлање има кај прометот реализиран од блок трансакциите – од 1.183.853.653 денари (19,2 милони евра) лани, на сегашните шестмесечни 1.041.897.575 денари (16,9 милиони евра). Минусот е 11,99 проценти. Врз ваквиот исход немал влијание бројот на трансакциите, кој е зголемен за 119,44 проценти. Или, во изминатото полугодие ги имало 79, а во минатогодишното 36.

    Гледано по месеци, најслабо било во јануари, а најдобро во февруари. Во првиот месец од годинава е забележан промет од 453.397.777 денари (7,36 милиони евра). А, во вториот – 856.311.858 денари (13,9 милиони евра). За тоа има две причини – високиот прилив од класичното тргување и реализираната јавна берзанска аукција, во која за 350 илјади евра беше продаден пакетот акции на топланата „Скопје Север“.

    Во текот на другите месеци прометот се одржува на над десет милиони евра.

    Може и подобро. Сепак, во првата половина од годинава имавме двојни избори и промена на власта, што сигурно наметнало доза на претпазливост кај инвеститорите и нивните одлуки. А, и странските играчи на Македонската берза сѐ уште се малубројни.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично