Повеќе трансакции, помал промет – накусо може да се опише состојбата на берзата во јуни. Во општата слика влегуваат и зголемената пазарна капитализација и повисоката вредност на МБИ10 индексот. Гледано по сегменти, обврзниците растуриле – процентуално. Го зголемиле прометот во однос на мај за значајни 780,48 насто! Кај најтргуваните акции, повторо без изненадувања, Комерцијална банка, па „Алкалоид“.
Вредноста на акцијата издадена од Комерцијална банка, која засега успешно се движи по линијата на раст, во јуни постигна просек од 20.671,01 денар, при забележан максимум од 22.125 денари. Истргувани се 6.357 акции преку 458 трансакции, а месечниот промет е 131.405.596 денари, односно 2.134.605 евра. Во структурата има учество од 31,19 проценти.
Со акциите на скопски „Акалоид“ е направен промет од 74.866.976 денари или 1.216.150 евра, па во структурата партиципира со 17,77 проценти. Реализирани се 267 трансакции низ кои минале 3.599 акции. Нивната просечна цена е 20.802,16, а масималната достигнала 20.999 денари.
На топ 5 табелата со најтргувани акции редовна е и НЛБ банка. Во шестиот месец од годинава направен е промет од 54.322.846 денари/882.374 евра. Притоа, просечната цена е 40.268,97 денари (максималната 41.500 денари). Истргувана е количина од 1.349 акции во 207 трансакции. Има удел од 12,89 отсто во структурата на прометот.
Вообичаено, тука е и акцијата на најголемиот дистрибутер на горива. Јунскиот просек на акцијата на „Макпетрол“ е 80.866,21 денар, додека максималната се заокружила на 85 илјади. Забележани се 149 трансакции, 567 истргувани акции и промет изразен во денари – 45.851.141, а во евра 744.833. Со тоа во структурата има учество од 10,88 отсто.
Од аспект на количината, во првата петорка се истакнува „Македонски телеком“. Истргувани се 101.866 акции, со кои е направен промет од 42.811.923 денари, односно 695.489 евра. Нивната просечна вредност е 420,28 денари (максимална 456 денари). Берзанската статистика регистрирала 245 трансакции. Во структурата учествува со 10,16 проценти.
Што се однесува до податоците за прометот од класичното тргување, има месечен раст од 5,75 насто и износ од 440.050.454 денари. Преку тргувањето со акции е остварен промет од 422.743.609 денари. Овде има зголемување од 2,07 проценти.
Затоа, пак, кај обврзниците се случил веќе споменатиот процентуален бум од 780,48%. Според вредноста, бројките не се така вртоглави, односно прометот од мајските 414.156.538 денари во јуни се зголемил на 1.965.614 денари. Или, од безмалку 32 илјади евра на 281,3 илјади евра.
Кај блок трансакциите, кои се интересни како информации и за инвеститорската и за пошироката јавност, бројот е зголемен за 100 насто. Од девет во мај на 18 во јуни. Сепак, кај вредноста има минус од 31,32 проценти. Прометот во јуни изнесува 170.865.296 денари, додека во мај бил 248.781.464 денари.
Од месечниот билтен на Македонска берза може да се види дека пазарната капитализација за еден месец се зголемила за 3,26 насто и изнесува 280.530.289.358 денари.
Вкупниот промет се брои со 610.915.750 денари и во споредба со остварувањето во мај е намален за 8,12 отсто. Ова, и покрај повисоката реализација на трансакциите за 6,19 проценти, или во јуни ги имало 1.681, а во мај 1.583.
Основниот берзански индекс МБИ10 е 7.704,56, а неговата вредност пораснала за 3,45 проценти.
М.А.