ПОВЕЌЕ

    БЕРЗАНСКИОТ ПРОМЕТ ОСТАНА СО КУСИ РАКАВИ – Лани се намалил за речиси 40 отсто во однос на 2022

    Време зa читање: 4 минути

    Анализа: Што се случуваше на Македонската берза минатата година?

    Вкупниот промет што е направен на Македонската берза во текот на минатата година бил 75 милиони евра. Вкупно истргувани акции имало 92, а обврзници 11. ТОП 3 најтргувани акции лани биле на Комерцијална банка во вредност од 19 милиони евра, „Алкалоид“ во вредност од 8 милиони евра и НЛБ банка во вредност од 5 милиони евра. МБИ 10 на 28.12.2023 година бил 6.116,23 и индексот бележи раст од 8,21% во однос на 2022 година.

    Ова е кусиот сублимат од Годишниот билтен за 2023 година што го објави Македонската берза.

    Споредбените анализи со 2022 година, пак, покажуваат дека има значајно намалување како на бројот на трансакции, така и на вкупната вредност на прометот.

    Прометотот на Македонската берза во 2023, во однос на 2022 година бележи пад од дури 37,97 проценти, со истовремен пад на бројот на трансакциите од 30,66 проценти. Особено нагласен е падот на тргувањето со обврзници и изесува дури 60 проценти!

    Во апсолутни бројки, наспроти прометотот од 75 милиони евра во 2023, во 2022 година имало вкупен берзански промет од 121 милион евра. Што се однесува до бројот на транскациите, тие се намалиле од 17.274 во 2022 година на 11.978 во 2022 година.

    Извор: Македонска берза

    Ако се гледа прометот по месеци, може да се заклучи дека април бил златниот месец за Македонската берза. Тогаш е реализиран повеќе од петтина од прометот на Берзата за цела година. Во април 2023 година, направениот промет изнесувал 15,9 милиони евра.

    НАЈТРГУВАНИ СЕ АКЦИИТЕ НА КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА

    Најголем промет (без блок трансакции) на официјалниот пазар на Македонската берза направила  Комерцијална банка и тој изнесува 19,2 милиони евра. Следува прометот што го направиле акциите на „Алкалоид“ во вредност од речиси 8 милиони евра, па прометот на акциите на НЛБ банка во вредност од 4,9 милиони евра…

    Извор: Македонска берза

    КОИ АКЦИИ ДОЖИВЕАЛЕ НАЈГОЛЕМ РАСТ, А КОИ НАЈГОЛЕМ ПАД?

    Од 21,8% до 53,2% зголемување на вредноста на една акција е забележано кај петте акции со најголем рст.

    Ако некој особено зајакнал во 2023 година, тоа е „Оранжерии Хамзали“ Струмица. Акциите на оваа компанија доживеале раст на просечната цена од дури 53,2%. Со раст на просечната цена на акциите може да се пофалат и: „Окта“, Уни банка, НЛБ банка, Комерцијална банка.

    Извор: Македонска берза

     Медалот секогаш има две страни. А на втората, овојпат се акциите со најголем пад. Вредноста на акцијата на Друштвото за меѓународен транспорт и шпедиција ЖАС Скопје, буквално се „струполила“. Просечната цена на акцијата на ЖАС Скопје се намалила за дури 91,29 проценти. Голем пад има и кај „Единство“ од Струмица од 73,6 проценти, како и Централна кооперативна банка чија акција загубила 41,67% од цената.

    Извор: Македонска берза

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично