Додека во американската политика со години трае жестоката дебата околу тоа дали TikTok е закана за националната безбедност, Белата куќа реши да се појави токму на оваа платформа. Во вторникот беше отворен официјалниот профил, со што администрацијата на Доналд Трамп испрати порака дека сака да биде присутна таму каде што е и младата публика.
Првото видео, долгo 27 секунди, беше проследено со опис: „Америко, се вративме! Што има на TikTok?“ – порака која се појави заедно со клип во кој Трамп вели: „Јас сум твојот глас“. За само еден час профилот собра околу 4.500 следбеници, а неколку часа подоцна бројката надмина 19 илјади. Тоа е симболичен почеток во споредба со личниот TikTok профил на претседателот, кој има над 110 милиони следбеници, иако неговата последна објава е од денот на изборите во ноември 2024 година.
Присуството на Белата куќа на TikTok е уште позначајно ако се земе предвид дека иднината на платформата во САД е неизвесна. Законот што бара продажба на TikTok на сопственик кој не е од Кина, или пак негова целосна забрана, требаше да стапи на сила уште во јануари. Но Трамп, кој за време на кампањата ја искористи апликацијата за да се приближи до младите гласачи, неколкупати ја стави забраната на пауза. Последниот рок за продажба истекува во септември.
TikTok во моментов има околу 170 милиони корисници во САД. Компанијата-мајка ByteDance тврди дека е во преговори со американската влада, но предупредува дека секое решение мора да биде во согласност со кинеските закони.
Иронијата е што токму Трамп уште во 2020 година прв предупреди дека TikTok претставува ризик по националната безбедност. Но по сопственото искуство со апликацијата, кога за време на кампањата собра милиони нови поддржувачи, тој денес се претставува како нејзин бранител.
„Администрацијата е посветена на тоа да ги сподели успесите на претседателот со што е можно поширока публика и преку што е можно повеќе платформи“, порача портпаролката Каролин Ливит по отворањето на профилот. Белата куќа на TikTok ќе се обиде да се пробие во дигиталниот простор каде што веќе доминира Трамп – кој, покрај огромното присуство на TikTok, има 108 милиони следбеници на X и 10,6 милиони на неговата сопствена мрежа Truth Social.