ПОВЕЌЕ

    „БЕХТЕЛ И ЕНКА“ РЕГРУТИРА ГРАДЕЖНИЦИ – Има ли работна рака за прекувремен ангажман?

    Време зa читање: 3 минути

    Колкав е капацитетот на македонската работна сила и дали има градежни работници на „лагер“, ќе се покаже веќе денес, на првот саем за вработување организиран од страна на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Регрутацијата на работната рака за изградба на автопатишта од коридорите 8 и 10д стартува од Гостивар, а потоа ќе продолжи и во неколку други градови.

    Од понудата веројатно ќе зависи дали кандидатите ќе се сложат на 60-часовна работна недела или на 190 часа годишно. Зашто, без добра мотивација се ќе се сведе на експлоатација. Пред се, поради тоа што секој работник мора да дадат согласност за прекувремениот ангажман, кој предвидува работно време од над десет часа. Според законските измени, на секои два одработени дена работниците ќе одмораат 12 часа, а ќе имаат и слободни 24 часа во текот на работната седмица. Инаку, синдикалците, како заштитници на работничките права, го оспорија овој законски акт и се во очекување на конечниот збор што треба да го даде Уставниот суд.

    По двете фото-сесии на владиниот врв и поканетите гости, првата на четврти април и втората на 12 мај, во чест на откриената табла, односно на камен-темелникот на делниците Тетово-Гостивар и Прилеп-Битола, како и по досега префрлените 175 милиони евра, се чини, работите ќе се придвижат. Освен овие, досега немаше никакви активности кои би упатиле на тоа дека е почната реализацијата на помпезно најавуваниот и воедно скап градежен мега-проект. За чија изведба е потпишан договор од 1,3 милијарди евра, а до крајот на годинава државата треба да му префрли на конзорциумот 250 милиони евра.

    Со овој потег за ангажирање работници, може да станат реалност стравувањата на домашните градежни копании, дека ќе се соочат со осипување на квалификуваната работна сила. На тоа предупредуваа уште пред неколку месеци, кога на договорот постигнат со американско-турскиот конзорциум реагираа Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) и Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали при Стопанската комора. Впрочем, постојано посочуваат дека состојбата во градежништвото е алармантна, најмногу поради тоа што големите инфраструктурни проекти ги добиваат странски компании, а одливот на градежни работници е сериозен. Во прилог на тоа тврдење е и статистиката, која покажува дека во последните пет години бројот на градежни работници е паднат под 50 илјади, а само за една година е намален за околу 12.000. Оттаму и нивниот апел – државата да биде посветена и на домашните фирми, а не само да се задоволуваат потребите на странските компании.

    Договорот со „Бехтел и Енка“ Владата го склучи во четири очи и оттогаш постојано го следат скандали и контроверзи. Поради сомневањата за можна корупција, антикорупционерите и Обвинителството отворија предмети.

    новинар:

    Маја Анастасова

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично