Пензионерите денес ќе ги имаат на располагање своите пензии, информираат домашните банки. А, премиерот им честита за дополнителните 2.500 денари кои се веќе легнати на нивните сметки.
Во предност се оние со дебитни картички. И од Комерцијална и од НЛБ банка доаѓа препораката за пензионерите – на првиот ден од октомври да ги повлечат своите пари од банкоматите, или да ги трошат низ трговската мрежа по пат на безготовинското плаќање. Можат да ги користат услугите и на електронското и мобилното банкарство.
За останатите, кои работат со готовина, отворени се шалтерите во експозитурите и филијалите. Како што наведуваат од Комерцијална банка, тие се отворени секој ден од понеделник до петок, а во сабота работното време е скратено, од 9 до 12 часот.
Денес и другите банки ќе вршат исплата на пензиите.
Сепак, согласно досегашната практика и мотото „Важни се луѓето“, во оваа сфера се издвојува Халк банка, како единствена која на пензионерите им овозможува месечните примања да ги користат пред време. Овојпат, исплатата ја реализираше на 27 септември.
Освен известувањата од банките, на темата пензии преку социјалните мрежи се јави и премиерот Христијан Мицкоски. Во видео-обраќањето наменето за пензионерите, порача:
„Ја користам оваа прилика да ви честитам повисоки пензии што ќе почнат да се исплаќаат од утре. Тоа што го ветувавме во кампањата за повисоки пензии, за линеарно зголемување на пензиите, станува реалност. Од утре пензионерите во Македонија ќе имате поголеми пензии. Вие тоа го заслуживте макотрпно работејќи во вашиот животен век. Сега е периодот кога треба да уживате. Оваа Влада останува 100 проценти посветена да испорачува тоа што беше наше ветување за време на предизборната кампања“.
К.А.