Македонската банкарска асоцијација ја известува јавноста дека сите банки веќе преземат активности за соодветно да ги услужат своите клиенти – корисници на субвенции за тутун, коишто во текот на следната недела ќе имаат потреба од нивните услуги, притоа, максимално залагајќи се за заштита на јавното здравје.
Средствата од денес се достапни на сметките на сите клиенти – корисници на субвенции, на располагање да ги користат во согласност со своите потреби.
Корисниците на платежни картички со средствата можат да располагаат за плаќање во трговија или на банкоматите. За посебните термини за движење на овие клиенти надлежното министерство обезбеди повеќе информации.
Корисниците на субвенции коишто не поседуваат дебитна картичка, ако имаат потреба од подигнување готовина од субвенциите, тоа ќе можат да го извршат на благајните во експозитурите и филијалите на банките во коишто се нивните сметки, во општината во којашто живеат, според распоредот утврден од институциите, по азбучен ред, според почетната буква од презимето за физичките лица, односно почетната буква од називот за правните лица.
За распоредот клиентите ќе добијат и СМС порака од својата банка со информации кој ден да го користат доколку им е неопходно да ја посетат Банката.
Со цел подобро и поорганизирано процесирање на клиентите, кај дел од банките најавено е и продолжено работно време од вторник до петок (21-24 април) од 8 до 17 часот, во општините каде што живеат повеќе корисници на субвенции, и тоа:
– НЛБ Банка АД Скопје: Прилеп, Битола, Радовиш, Велес, Струмица, Кочани, Кавадарци и Неготино;
– Стопанска банка АД Скопје: Прилеп, Битола (Широк Сокак), Радовиш и Струмица.
Во другите општини, филијалите и експозитурите на сите банки ќе работат според претходно утврденото работно време.
Во општините во коишто банките ќе работат со продолжено работно време, при посета на филијала или експозитура заради подигнување готовина од исплатени субвенции, за корисниците на субвенции, движењето ќе биде овозможено до 18 часот за што соодветното Министерство ја информираше јавноста.
Притоа сите членки на Македонската банкарска асоцијација чии филијали/експозитури може да се очекува дека ќе бидат посетувани од корисници на субвенции информираат дека:
– Ќе работат со зголемен капацитет, притоа запазувајќи да имаат на располагање резервни тимови;
– На клиентите ќе им овозможат средство за дезинфекција при влез во експозитурата/филијалата;
– Ќе бидат ангажирани поголем број на редари од вообичаено за запазување на редот и соодветното растојание помеѓу клиентите.
Од МБА апелирааат до сите корисници на субвенции коишто ќе имаат потреба од користење на банкоматите, филијалите и експозитурите, да се придржуваат до мерките за самозаштита (користење на ракавици и маски) и да ја запазуваат потребната физичка дистанца од другите лица, заради заштита и на сопственото, и на здравјето на другите.
Со цел да се намалат гужвите, како и поради заштита на јавното здравје, од МБА ги замолуваат сите други клиенти на банките, во текот на следната недела, да ги земат во предвид овие информации при планирање на посетата на банките.
Македонската банкарска асоцијација ја уверува јавноста и клиентите дека сите банки преземаат и ќе преземаат активности во рамки на својот максимум за заштита на здравјето на своите клиенти.