Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука да се задржи висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките кон клиенти од земјава на 1,75% од активата пондерирана според ризиците и во третото тримесечје од 2026 година.
Ваквата одлука е заснована на повеќе клучни показатели коишто не упатуваат на остварување на позначителни системски ризици. Беше заклучено дека банкарскиот систем според сите показатели е стабилен, со добра солвентност и ликвидност, ниска стапка на нефункционални кредити и солидна профитабилност. Во исто време се забележува одредено повторно забрзување на растот на цените на недвижностите и на станбените кредити, а понагласени се и ризиците од надворешното окружување. При вакви ризици, но при добра подготвеност на банкарскиот сектор за справување со евентуални шокови, се оцени дека стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот од 1,75% засега е соодветна на макрофинансиските услови и на состојбите во банкарскиот сектор.
Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи системските ризици и ќе ја оценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Макропрудентната политика на Народната банка, како и досега, ќе биде насочена кон зачувување на отпорноста на банкарскиот систем и спречување или намалување на системските ризици.
Противцикличниот заштитен слој на капиталот е одбранбен механизам за банките во справувањето со ризиците кои произлегуваат од промените во кредитниот циклус. Се зголемува во периоди кога има значителен кредитен раст, а се намалува или се ослободува кога ќе се забележи олабавување во кредитниот циклус. Па, во услови на висок кредитен раст, со одлука на НБРСМ, банките имаат обврска да го зголемуваат нивото на капитал со кое располагаат.
Оваа стапка од 1,75 проценти ќе се применува од први август годинава. Кога минатата година се донесе одлуката, од Народанат банка наведоа дека е потребно нејзино зголемување, затоа што неизвесните макроекономски услови и нестабилниот геополитички контекст и натаму упатуваат на ризици за следниот период и на потребата од натамошна внимателност од страна на банките.
Ова е и највисоката стапка досега. Во текот на 2023 била на почетното ниво од 0,5 проценти. Потоа, во текот на 2024 се менуваше – во првата половина од годината – 0,75, од први јули – еден процент, од први ноември 1,25, а од први јануари па до 30 јули противцикличниот заштитен слој на капиталот е 1,5 проценти.