ПОВЕЌЕ

    Бајрактар: Пристигнати се околу 2.000 нови барања за гарантирана минимална помош

    Време зa читање: 2 минути

    Заменик-министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар, на прес-конференција, заедно со дополнителната заменик-министерка Санела Шкријељ говореа за прилагодувањето на системот на социјална заштита за брз одговор во услови на здравствено- економска криза.

    „Зголемената социјална помош што корисниците ја добиваат како гарантирана минимална помош, детскиот и образовниот додаток, социјалната пензија и сите други видови социјална помош не само што и во оваа тешка економска состојба редовно се исплатува, туку е зајакнатa со мерките кои го олеснуваат пристапот до правата за парична помош“, рече Бајрактар.

    Тој посочи дека во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита за месец април.

    „Заклучно со четврток, целосно ќе биде исплатена гарантирана минимална помош, а со последните измени и релаксирање на системот на социјална заштита, овие домаќинства добиваат и 1.000 денари месечно енергетски додаток и во месеците од април до септември“, посочи заменик министерот.

    Бајрактар нагласи и дека во центрите за социјална работа, од моментот на носење на уредбата со која се овозможи брз влез во системот на социјална заштита, од 3 април, пристигнати се околу 2.000 нови барања за гарантирана минимална помош кои се решаваат тековно.

    Дополнителната заменик-министерка Шкријељ потсети дека Владата и Министерството за труд и социјална политика донеле сет мерки за релаксирање на критериумите врз основа на кои може да се користи гарантирана минимална помош.

    „За да ги заштитиме корисниците на надоместок поради попреченост и надоместок за помош и нега од друго лице, оние на кои конзилијарното мислење им истекува додека трае вонредната состојба, ќе продолжат да го користат надоместокот без посета на Комисијата и издавање конзилијарно мислење. Исто така, центрите ќе одлучуваат за правото на гарантирана минимална помош само врз основа на доставената документација од подносителот на барањето и обезбедената документација по службена должност, а увидот во домаќинството ќе се изврши во рок од два месеца по престанокот на траењето на вонредната состојба“, нагласи Шкријељ.

    Таа најави дека системот на социјална заштита ќе продолжи да се прилагодува за доброто на сите граѓани, пред сè за најранливите.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично