ПОВЕЌЕ

    БАДИЈАЛА НОВИ ПАТИШТА И ФАБРИКИ кога населението „се топи“

    Време зa читање: 6 минути

    Анализа: Какви се бројките за иселените, новородените, учениците

    Статистичките податоци преку кои се мери демографската структура на населението се повеќе од катастрофални. Се случува она за што долго време се предупредуваше, дека ќе ни бидат бадијала и нови патишта и спортски сали и домашни и странски инвестиции ако останеме без народ. Податоците што ги анализираше порталот „Пари“ зборуваат дека се намалува бројот на живородени деца, дека се намалува бројот на запишани ученици, дека се тенчи континентот на работоспособно население… Сè на сè – застрашувачки демографски податоци!

    Статистичарите забележаа голем пад на бројот на новородени деца во првиот квартал од 2024 година. Нивниот број бил 3.632 за разлика од првиот квартал од 2023 година кога имало 3.958 живородени деца или, пак, во однос на првиот квартал од 2022 година, кога тој изнесувал 4.338.

    Квартални податоци за живородени деца

    Овие податоци покажуваат дека трендот кој почна од поодамна само се продлабочува. Македонија веќе подолго време има проблеми со „топење“ на населението. Во 2009 година имало 23.684 новордоенчиња, а минатата година само 16.737! Податоците покажуваат и дека се зголемува учеството на родени во град во однос на село, па така во 2009 година учеството на родените во град било 57,5%, а во 2023 година 60,8%, што пак е податок кој фрла едно друго светло за фамата околу „земјоделска Македонија“.

    Годишни податоци за живородени деца

    ВО 2020 ГОДИНА ИМАЛО 700.000 НАШИ ДРЖАВЈАНИ ШТО ЖИВЕАТ ВО СТРАНСТВО

    Меѓународната организација за миграција во 2021 година издаде една опширна публикација за миграциите во Македонија. Таму се споделени податоците од Миграцискиот атлас на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија според кои од 2005 година до 2019 година од кај нас се иселиле 131.000 граѓани.

    „Емиграцијата на граѓаните од Македонија во странство (привремена и трајна) во последната деценија дополнително се зголеми и забележа големи промени во нејзините особености. Во 2018 и 2019 година, бројот на граѓани што заминале во странство (flow data) изнесува 24.000 и околу 26.700 лица, респективно. Странските извори на податоци потврдуваат дека вкупниот број на државјани што престојуваат во странство од околу 527.000 (2010) достигнал речиси 700.000 лица (2020 година), што претставува повеќе од една третина од вкупното население во земјата. Според Светскиот Извештај за миграција 2020 година, Македонија е во првите 20 земји во светот со најголема емиграција во странство“, пишува во публикацијата.

    Од 2021 година, повеќе од очигледно е дека состојбата се влошила. Според пописот во 2021 година има 1.836.713 жители, додека во претходниот попис од 2002 година било утврдено вкупно население од 2.022.547 лица.

    СЕ ПРАЗНАТ УЧИЛИШНИТЕ КЛУПИ

    Како што заминува населението, а како и младите се подоцна стапуваат во брак и се одлучуваат за малкудетни семејства, така се празнат и училишните клупи. Овој податок е поразителен и за тоа што допрва ќе се случува, не само во однос на потенцијалната потрошувачката моќ, туку и во однос на идната работна сила и економска активност.

    Враќањето една деценија наназад покажува дека во основните и во средните училишта заедно, во учебната 2012/2013 година имало вкупно 282.637 деца или дури 33.714 повеќе од ланската учебна година.

    Вкупно ученици во основно и во средно образование

    Она што е загрижувачко е што трендот на намалување на ученици зема сè поголем залет. Деновиве како бомба одекна веста дека ќе се затвораат училишта заради оптимизација на училишната мрежа. Бројката на запишани првачиња, кои од септември треба да седнат во училишните клупи е за 580 помалку во однос на минатата учебна година. Годинава се запишани 17.208, наспроти ланските 17.782 првачиња.

    Запишани првачиња

    Поради ваквата ситуација државата ќе ја оптимизира училишната мрежа, што ќе значи затворање на дел од училиштата.

    „Има одредени региони и училишта кои секако не треба да бидат затворени, се на голема оддалеченост, планински се, тие ќе си опстојат. Но овие што се на два километра едно до друго и едното е централно училиште во кое има стотина деца, а во подрачното има две до три деца, тогаш грев е децата да не се приклучат на другарите во централното училиште – објасни министерката за образование, Весна Јаневска.

    А, како што и се очекува, едно повлекува друго. Што ќе се прави со наставниците во затворените училишта? Или зошто ќе се градат најавените 28 спортски сали, ако немаме ученици?

    ОД КАДЕ ИДНА РАБОТНА СИЛА?

    Ако се намалува бројот на ученици, јасно е дека нема светла иднина во однос на работната сила. Статистичките податоци тоа и сега го алармираат.

    Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2023 година, активното население во Македонија изнесува 791.647 лица, од кои вработени се 688.296, а 103.351 лице е невработено (Анкета на работна сила). Во 2022 година, активното население било 808.078 лица, од кои вработени се 692.034, а 116.045 лица се невработени. Значи само за една година активното население се намалило за 16.431.

    Под активно население се разбира и вработеното и невработеното население заедно. Интересен факт е дека според методологијата на Државниот завод за статистика во Анкетата за работна сила, до 2022 година, вработени се сметаат лица на возраст од 15 до 79 години, а од 2023 година тоа се лица на возраст од 15 до 89 години.

    Активно население по години

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично