Вработените во „Google” би можеле да се соочат со намалување на платата доколку изберат да работат од дома поради пандемијата на корона вирусот, пренесува „Reuters“.
Агенцијата имала увид во калкулаторот на плата на „Google”. Станува збор за експеримент кој се одвива низ Силициумската долина, и која често поставува трендови кај другите големи работодавачи.
Компаниите „Facebook” и „Twitter” веќе ги намалија платите на вработените кои работат од дома и кои се преселија во области каде што трошоците за живот се пониски.
Сепак, алатката за плати на „Google” – која им овозможува на вработените да ги видат ефектите од преместувањето – сугерира дека вработените кои работат од дома, особено оние што патуваат на долги растојанија, може да се соочат со намалување на платите дури и ако не се преселат.
„Нашите пакети за компензација секогаш се одредуваа според локацијата и секогаш плаќаме најголеми суми на локалниот пазар врз основа на тоа од каде работи вработениот“, рече портпаролот на „Google”, додавајќи дека платите ќе варираат од град до град и од земја до земја.
Вработен во „Google”, кој побара да остане анонимен од страв од казна, обично патува во канцеларија во Сиетл од блиската област и ако работи со полно работно време од дома, најверојатно ќе се соочи со намалување на платата од околу 10 проценти.
Вработениот размислувал за опцијата да работи од далечина, но сепак одлучил да продолжи да оди во канцеларија, и покрај двочасовното патување на работа.
„Висината на намалувањето на платата е еднаква на зголемувањето што го добив со последното унапредување. Не вложив толку многу напор залудно да напредувам, за на крајот да се соочам со намалување на платата“, изјави тој.