ПОВЕЌЕ

    АЗЕСКИ: Никогаш повеќе нема да дозволиме да бидеме играчка во рацете на државата и да чекаме милост од нив

    Време зa читање: 5 минути

    „Активностите започнати во 2019 година за создавање на Комора на иднината привршуваат. Новиот концепт е етаблиран (2022 год.), стратегијата поставена (2019 год.), приоритетите исто така (2020 год.), кадровските решенија се на маса. Останува само да им бидат врачени на луѓето и да започне функционирањето на една нова Комора која во својот профил е модерна, напредна и целосно посветена на една цел, а тоа се компаниите”, вели претседателот на Стопанската комора на Македонија во своето обраќање, Бранко Азески.

    Претседателот Азески со порака до стопанствениците и власта, во продолжение следува неговото обраќање:

    Пандемијата, енергетската криза, а сега и инфлацијата, ја завршија и ја расчистија и последната дилема, кои се методите и алатките за функционирање на една современа и модерна бизнис заедница. Ако пред овие кризи се “занесувавме” дека е доволно да бидеме трансмисија помеѓу јавниот и приватниот сектор, сега е јасно дека на нашите компании, членки, треба да им помогнеме и со методи и алатки кои не се стандардни,  но се корисни, бидејќи јавниот сектор очигледно неможе да си ги заврши своите обврски, како на пример набавка на вакцини, струја, суровини и репроматеријали.  Токму затоа, во овој нов концепт на работа, потребно е да се регулираат тие прашања. Никогаш повеќе нема да дозволиме да бидеме играчка во рацете на државата и да чекаме милост од нив затоа што тоа е големо понижување за нас, а ние имаме начин како да го разрешиме.

    Во изминативе 18 години, апаратот на Комората целосно се реконструира за може да ја остварува својата основна функција, но јас како претседател на Комората кој целиот период работев на изградба на кадарот, мора да кажам дека основната кадровска функција сѐ уште не е на потребното ниво. Отсуствува сегментот на доживотно учење, надградба на знаењата и вештините, но и висок степен на продуктивност во работењето. Затоа сум приморан од Управниот Одбор да побарам дозвола за преземање на определени мерки кои ќе го сменат правецот во нашето работење. Со сигурност можам да кажам дека тоа не се парите, бидејќи половина од платниот фонд се користи за  платите на менаџерите, во прашање е, отсуството на одговорност на високите позиции и очекувањата од нив, во најголем дел и за непродуктивно работење. Сите тие личности се доволно предупредувани од мене, и јавно, и приватно, и затоа ова е последната шанса за две корекции: целосна посветеност на работата и креирање иновативност, а не градење позиции на прости извршители, прости извршители на Комората веќе не и се потребни. Иницијативност, иновативност, учење јазици и доживотна надградба се единствениот услов за останување на позициите, сите други да си бараат работа надвор од Комората.

    Кадровскиот капацитет на Комората се покажа дека има определени слабости кои ќе мораат веднаш да се отстранат, иако довербата на членките не е изгубена. Стручната служба во наредниот период мора да ги организира компаниите по еснафски принцип како традиционален метод, но и преку Советите да го истакне највисокиот приоритет во наредните 10 години, а тоа е обезбедување кадар за потребите на бизнисот и проширување на основата на Комората преку компании и личности кои не се наши членки. Советите ќе бидат алатка за привлекување нови членки, нови приврзаници, нови симпатизери преку десетина модерни алатки како што се берзата на трудот, институтот за извоз, школа за бизнис лидери, суд на честа, дигитален клуб на извозници, асоцијација на старт-ап компании, годишна конференција на напредни технологии, денови на отворена врата, вмрежување на домашните и странските компании кои делуваат во државата, модули за поддршка на малите и средни претпријатија и преквалификациите.

    Она што треба да се искакне е дека индустријата и извозот остануваат базната компонента на СКСМ.

    Интересот на членките ќе биде овозможен преку :

    1.    Delivery unit – алатка за учество во креирањето на законите пред нивното настанување;
    2.    ЕНЕР-от – алатка преку која ќе можат да го изнесат својот став за веќе конципираниот закон;
    3.    Лобирањето во Собранието на РСМ и искористување на можноста на претседателот на државата да не потпише закон кој е спротивен на интересите на компаниите и
    4.    Уставниот суд.

    Комората на иднината мора да има значаен респект во државата, и пошироко, и заради тоа ќе бидат именувани советници во Кабинетот на претседателот кои ќе се занимаваат со најзначајните теми кои претставуваат темел на пазарната економија и водењето на приватниот бизнис. Но тие дејствија не можат да се преклопуваат со оние на Стручната служба, и главно ќе се однесуваат на градење стратегии, правење анализи и истражувања на високо професионално ниво, макроекономски политики и јавни финансии, човечки ресурси за целата организација, зелена агенда, дигитализација, итн. Ќе биде формиран и посебен тим за преговорите со ЕУ во кој ќе доминираат претстаници на компании. Секој настап на наш претставник во јавноста, како и на стручните расправи, мора да биде поткрепен со анализи и истражувања, а не со барања изнесени во органите и телата на Комората, без притоа да се проанализираат.

    Доколку и на ваков начин неможат да се остварат интересите на компаниите, ќе бидат формирани фондови за здружување на средства со кои ќе се обезбедуваат енергенси, суровини и други потребни репроматеријали со пониска цена, исто така, во интерес на конкурентноста на компаниите.

    Врз основа на Одлуката на Собранието на Комората, ќе предложам Советот на странски инвеститори, во април 2023 година да се преточи во Советот за унапредување на индустриското производство и извозот, а Арбитражата таа година да се трансформира во претставништво на некоја од големите арбитражи. Со тоа ќе исчезнат институциите при Комората, кои во изминатиот период беа извор на контраверзии.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично