Земјоделци, одгледувачи на добиток, рибари и пчелари, со автомобили, автобуси и трактори ќе се соберат денес на главниот плоштад во Атина, учествувајќи на голем митинг во 16:00 часот за да го изразат свото незадоволство од неисполнетите ветувања по средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Грчките земјоделци и производителите од примарниот сектор повеќе од два месеца протестираа блокирајќи ги сообраќајниците низ Грција, како и граничните премини кон Македонија и Бугарија. „Не добивме никаков суштински одговор на она што го ставивме на преговарачката маса. Ни рекоа дека ќе ги разгледаат, но без конкретни предлози и без распоред“. Ова беше, како што наведуваат, една од главните причини зошто решија да ја променат формата на своите мобилизации, да ги напуштат блокадите и да продолжат кон главниот град.
Панхеленскиот комитет на блокадите упати повик до граѓаните да „присуствуваат“ на плоштадот Синтагма, пред грчкиот Парламент, поддржувајќи ги луѓето од примарниот сектор, кои – како што нагласуваат – секојдневно се борат да „преживеат на грчките ниви и пасишта“.
Земјоделците велат дека нивните основни барања остануваат непроменети: пониски трошоци за производство, загарантирани цени за земјоделските производи, промени во регулативите што го регулираат системот за државно осигурување ЕЛГА и целосна компензација за загубите на земјоделските култури. Тие тврдат дека овие прашања биле покренати, но не биле решени на неодамнешните средби со премиерот Киријакос Мицотакис, што ги поттикнало да продолжат со мобилизации.
Синдикатите, кои закажаа посебен протест на истата локација претходно во петокот против владиниот закон за колективни работни договори, рекоа дека ќе останат на местото за да покажат солидарност со земјоделците.
(Фото: George E. Koronaios – Own work, CC BY-SA 4.0)
Аналитика








