ПОВЕЌЕ

    АПРИЛ ЌЕ БИДЕ ПОЛОШ: Глобалната енергетска криза ја надминува и 1973 година

    Време зa читање: 3 минути

    Светот се соочува со енергетски шок без преседан, предупредува International Energy Agency, оценувајќи дека актуелната криза е потешка од нафтените удари од 1973 и 1979 година, па дури и од гасниот шок по руската инвазија врз Украина во 2022 година.

    Извршниот директор на агенцијата, Fatih Birol, вели дека глобалните загуби во снабдувањето со нафта достигнуваат околу 12 милиони барели дневно, повеќе од двојно во однос на историските кризи од минатиот век. Дополнително, недостигот на природен гас е поголем од оној забележан пред три години, кога Европа се соочи со сериозен енергетски удар.

    „Април ќе биде многу полош од март“, предупредува Бирол, објаснувајќи дека испораките што пристигнале минатиот месец биле договорени пред ескалацијата на конфликтот. „Во април нема ништо“, додава тој, укажувајќи на драматично намалување на достапните количини на нафта и течен природен гас од Блискиот Исток.

    Клучната причина за кризата е затворањето и ограничувањата во Ормутскиот теснец, преку кој вообичаено поминува значителен дел од глобалната енергетска трговија. Според Бирол, отворањето на овој теснец е единствениот вистински „лек“ за кризата, додека сите други мерки, вклучително и користењето на резервите, се само привремено олеснување.

    Во обид да го ублажи ударот, ИЕА веќе одлучи да ослободи рекордни 400 милиони барели нафта од стратешките резерви. Но, како што признава Бирол, тоа е само краткорочна интервенција. „Тоа само ја намалува болката — не ја решава кризата“, нагласува тој.

    Последиците веќе се чувствуваат, особено во Азија, каде недостигот на гориво за авиони и дизел станува сè поизразен. Бирок предупредува дека истиот сценарио наскоро ќе се прелее и во Европа, најверојатно веќе во април или почетокот на мај.

    Ситуацијата дополнително се комплицира бидејќи азиските земји, кои не можат да обезбедат доволно течен природен гас од Блискиот Исток, се свртуваат кон глобалните спот пазари — истите пазари од кои традиционално се снабдува Европа. Ова создава директна конкуренција и дополнителен притисок врз цените.

    Ефектот е веќе јасен: поскапувањето на гасот автоматски се прелева во повисоки цени на електричната енергија, особено во Европа, каде цените на струјата се директно поврзани со цената на гасот.

    Дополнителен проблем е што во конфликтот се оштетени околу 40 клучни енергетски објекти во регионот, што значи дека дури и по евентуално смирување на ситуацијата, ќе биде потребно време за целосно обновување на производството и транспортот.

    „Се движиме кон најголемото нарушување во историјата“, предупредува Бирол, додавајќи дека оваа криза ќе се пренесе преку инфлација, ќе го забави економскиот раст и ќе создаде долгорочни последици за глобалната економија.

    Со други зборови, она што започна како регионален конфликт, сè повеќе се претвора во глобална економска криза — во која енергијата повторно станува најскапата и најкритичната алка во светската економија.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично