Технолошкиот гигант „Apple“ беше прогласен за највреден бренд во светот на „ Brand Finance Global 500 “ за 2021 година, со што компанијата „Amazon“ за е-трговија му го отстапи првото место.
Според ранг листата, објавена на веб-страницата Brand Finance, вредноста на брендот Apple се зголеми за 87,4 проценти на 263,4 милијарди долари, додека вредноста на второ рангираниот Amazon се зголеми за 15,1 проценти, на 254,1 милијарди долари.
Во Топ 10 највредни брендови, дури седум се од САД, два се од Кина и еден е од Јужна Кореја.
Google е на третото место од највредните глобални брендови со проценета вредност од 191,2 милијарди долари, четвртиот е Microsoft (140,4 милијарди), а петти е јужнокорејскиот Samsung (102,6 милијарди долари).
Следува американскиот трговски ланец Walmart, чија марка вреди приближно 93,2 милијарди долари, Facebook со износ од 81,4 милијарди, на позицијата број осум е кинеската банка ICBC (72,8 милијарди). Листата Топ 10 се заокружува со американската телекомуникациска компанија Verizon (68,9 милијарди) и кинеската социјална мрежа WeChat (67,9 милијарди долари).
Имајќи предвид дека новите технологии се двигател на зголемувањето на вредноста на брендот во различни индустрии, компанијата Tesla зад себе остави многу традиционални брендови со скок во вредност од дури 158 проценти, на 32 милијарди долари, според оваа ранг листа.
Брендовите за електронска трговија напредуваа и во услови на „нова нормалност“ предизвикана од глобалната пандемија, при што кинеската технолошка групација „Alibaba“ ја дуплираше вредноста на брендот, за 108,1 процент до 39,2 милијарди долари.