Извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев, е предложен за нов независен член на Надзорниот одбор на битолската Стопанска банка.
Предлогот е наменет за 51 седница на акционерското собрание, закажано за 30 октомвр. Номинацијата е потпишана од двајца акционери – Трајан Масалковски и Друштвото за проектирање, производство, трговија и услуги „Форми Јорго“ ДООЕЛ увоз-извоз Битола, кои заедно во сопственичката структура имаат 5,25 отсто од вкупниот број акции со право на глас. Информацијата е објавена преку Македонска берза.
„По пат на овој допис ние како акционери на Стопанска банка а.д. Битола доставуваме предлог за номинирање на г. м-р Антони Пешев за независен член на Надзорниот одбор на Стопанска банка а.д. Битола.
Предлогот за номинација на г. м-р Антони Пешев го темелиме на неговото богато професионално искуство, кариерен развој во различни области од општествено економско опкружување со потврдено знаење и репутација.
Сметаме дека номинираниот кандидат со своето знаење и искуство ќе допринесе за успешна работа на Надзорниот одбор на Стопанска банка а.д. Битола“, пишува во предлогот.
Инаку, ова место во Надзорниот одбор до крајот на август беше на Миле Зечевиќ, кој поднесе оставка од функцијата независен член. Оставката е од „лични причини, заради зголемени професионални обврски во останатите работни ангажмани и стапува во сила со денот на комплетирање на составот на Надзорниот одбор“, информираа тогаш од Стопанка банка Битола.