Европската Унија повторно ја отвора темата за проширувањето, а најновата анкета на Евробарометар покажува дека кај граѓаните од регионот постојат различни очекувања и нивоа на доверба кон европската интеграција. Македонија се издвојува со стабилна и висока поддршка за членство – околу 70 проценти од граѓаните сакаат земјата да стане дел од Унијата. За нив, најголеми придобивки од зачленувањето се отворените граници, слободната трговија и поквалитетниот живот, иако постои загриженост околу одливот на млади луѓе и зголемувањето на бирократијата. Кога станува збор за роковите, 27 проценти веруваат дека членството е можно во следните пет години, 35 проценти дека ќе бидат потребни пет до петнаесет години, а 16 проценти сметаат дека процесот ќе трае и подолго, но дека конечно ќе заврши со приклучување. Ист процент од анкетираните, пак, верува дека тоа никогаш нема да се случи. Довербата кон ЕУ е на високи 75 проценти, што ја позиционира Унијата пред НАТО, но зад Светската банка и ММФ.
Во останатиот дел од Западен Балкан, резултатите се исто така претежно позитивни, со исклучок на Србија. Во Албанија дури 91 процент од граѓаните го поддржуваат членството, а во Црна Гора 39 проценти очекуваат интеграцијата да стане реалност во следните пет години. Србија, пак, бележи најниско ниво на поддршка – само 33 проценти би сакале земјата да стане дел од ЕУ. Недовербата е длабока: 45 проценти сметаат дека Србија никогаш нема да стане членка, додека само еден од десет верува дека тоа може да се случи наскоро. Како главни пречки се наведуваат нерешените територијални прашања, нискиот интерес на Унијата за пристапниот процес и неможноста на земјата да ги исполни потребните критериуми. Довербата на српските граѓани е насочена кон други глобални актери – Русија (59 проценти) и Кина (57 проценти) уживаат најголема поддршка, додека ЕУ е дури на трето место со 38 проценти. Во перцепцијата за странските донатори, Кина се гледа како најзначаен партнер со 39 проценти, Русија со 30, а Европската Унија со 29 проценти.
Надвор од регионот, во земјите од Источното соседство, ентузијазмот за интеграција е исто така силен. Поддршка за членство во ЕУ изразуваат 74 проценти од граѓаните на Грузија и 68 проценти од Украина.
На пошироко ниво, Евробарометарот бележи дека 56 проценти од граѓаните на земјите-членки ја поддржуваат идејата за проширување. Поддршката е највисока во Шведска и Данска, каде над три четвртини од населението веруваат во користите од интеграцијата, а најрезервирани се Чешка и Франција. Генерално, мнозинството Европејци сметаат дека нивните држави би имале придобивки од приемот на нови членки, наведувајќи ги како клучни аргументи поголемото глобално влијание на Унијата, новиот пазар за европските компании, можностите за вработување и посилната безбедност. Сепак, присутни се и загрижености – од миграција и корупција, до финансиските трошоци што ги носи проширувањето.
Младите во ЕУ се најоптимистични: две третини од испитаниците на возраст од 15 до 39 години сметаат дека земјите-кандидатки треба да станат членки штом ги исполнат условите. Истражувањето сепак открива и еден заеднички проблем – ниско ниво на информираност. Две третини од Европејците и голем дел од граѓаните во кандидатските земји велат дека немаат доволно информации за процесот на проширување, при што најслабо информирани се жителите на Украина и Србија.
Анкетата на Евробарометар уште еднаш ја потврдува линијата на поделба: додека во Македонија, Албанија и Црна Гора, како и во дел од источните соседни земји, преовладува ентузијазам и надеж за европска иднина, Србија останува единствената каде што скепсата и недовербата ја засенуваат европската перспектива.