Депозитите на граѓаните се безбедни. Нема потреба од никаков страв кај граѓаните. Депозитната база е стабилна, порача вечерва гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска на гостувањето во „Топ тема“ на телевизија Телма.
Ангеловска – Бежоска истакна дека како и во секоја кризна состојба имало одреден притисок врз депозитната база и сигнали на одредено повлекување на депозитите на дневно ниво во втората половина на март и почетокот на април, но веќе од средината на април има стабилизирање на состојбите.
„Како и во секоја кризна епизода која сме ја имале, доаѓа до влошување на перцепцијата кај граѓаните. Вознемиреноста се почуствува кај депозитната база на банките во втората поовина на март и почетокот на април, но оттогаш наваму состојбите се стаблизирани. Немаме пад на депозитите, имаше одреден притисок врз депозитната база и сигнали на одредено повлекување, но сепка на крајот на месецот, состојбата покажа стабилизирање и имаше одреден пораст”, рече Ангеловска-Бежоска.
Оцени дека сега притисокот врз депозитната база бил значително помал во однос на други кризни ситуации што сме ги имале како држава.
Во однос на мерките што се преземаат за реалниот сектор, гувернерката рече дека многу е важно мерките да се добро таргетирани и да се направи добра проценка.
„Како Централна банка ги немаме сите информации за да дадат издржана оценка”, нагласи Ангеловска – Бежоска.
Таа соопшти и дека се бележи тренд на намалување на блокирани сметки и кај физичките и кај правните лица. Според последните податоци заклучно со април, бројот на блокирани сметки е 227 илјади што е за пет илјади помалку.