ПОВЕЌЕ

    Ангеловска-Бежоска на конференција на ЕЦБ: Посилна глобална интеграција, а не дезинтеграција на малите и отворени економии

    Време зa читање: 3 минути

    „Менување на геополитичкиот пејзаж ‒ економски последици за Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈИЕ)“ е темата на 9. конференција на Европската централна банка, на која учествува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска. Настанот од висок профил, на кој присуствуваат челниците на ЕЦБ, како и гувернерите на централните банки на земјите од ЦИЈИЕ, го отвори претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард.

    Гувернерката Ангеловска-Бежоска, на овогодинешната конференција посочи дека по глобалната економска криза процесот на доходовна конвергенција во регионот на Западен Балкан забави во голема мера како резултат на структурните пречки поврзани со фундаменталните фактори на растот – човечкиот капитал, физичкиот капитал и продуктивноста.

    „Симулациите покажуваат, доколку продолжиме со истата релативна брзина на растот како досега, ќе ни требаат околу 40 години да го достигнеме просечното ниво на доход во ЕУ. Ризикот од геоекономска фрагментација, доколку не е соодветно следен, може дополнително да ја забави конвергенцијата. За малите и отворени економии како нашата, кои треба да ги надминат структурните пречки за раст, потребна е посилна глобална интеграција, а не дезинтеграција“, истакна гувернерката. Таа посочи и на одредени анализи, кои покажуваат дека повисоката интеграција во глобалните синџири на вредност може да придонесе за повисоко ниво на бруто домашниот производ за 3% до 10% кај земјите од Западен Балкан.

    Гувернерката учествуваше со излагање во рамките на панел-дискусијата што ја водеше Франк Елдерсон, член на Извршниот одбор на ЕЦБ, а учествуваа и главниот економист на ЕБРД, главниот економист на Светската банка за Европа и Централна Азија и гувернерите на централните банки на Хрватска и Албанија.

    Во своето излагање гувернерката се осврна на досегашните придобивки од интеграцијата на регионот, вклучително и на македонската економија, во глобалните трговски и финансиски текови. Во изминатите две децении трговската отвореност на регионот значително се зголеми, а особено на македонската економија, која достигна околу 160% од БДП. Паралелено со трговската, се зголеми и финансиската интеграција која достигна околу 200% од БДП. Овие два паралелни процеси придонесоа за пораст на конвергенцијата, која од околу 20% се зголеми на 40% од БДП.

    „Сепак, неодамнешните засилени геополитички тензии наметнуваат сериозни ризици за натамошниот тек на глобалната економска интеграција, со можни последици во повеќе области, вклучувајќи ги трговијата, финансиите, глобалните синџири на вредности и целокупниот процес на економска конвергенција. Притоа, во случај на фрагментација на глобалната економија, трошоците би можеле да бидат високи, особено за малите отворени економии во развој, одразувајќи се со повисоки увозни цени, помали и сегментирани пазари, намален пристап до технологии и работна сила и севкупно, намалена продуктивност и стандард на живеење. Но, колку ќе бидат погодени земјите ќе зависи, меѓу другото, и од напорите на носителите на политиките за справување со ризиците, особено во поглед на искористувањето на можностите од евентуалниот процес на преместување на производството на мултинационалните компании на поблиски локации, што би било од интерес за земјите од Западен Балкан, кои имаат географска и културна блискост со земјите од Западна Европа. Активна и многу важна улога во овој процес, но и поопшто, за справување се структурните предизвици, може да имаат и меѓународните и европските институции преку нивната поддршка на земјите од регионот, кои сѐ уште немаат пристап до структурните и инвестициски фондови на ЕУ“, порача Ангеловска-Бежоска.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично