Секое замрзнување на цените има позитивни и негативни консеквенци. Ако Владата смета дека треба да воведе ваква мерка, треба да објасни каква и е идејата и што сака да постигне, смета претседателот на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски, нагласувајќи дека ССК преферира слободен пазар.
„На 8 септември 1991 година граѓаните на државава гласаа за независност, за слободна економија, за слободен пазар. Слободниот пазар е одлика и придобивка на таа независност и ние генерално преферираме слободен економски пазар. Но, Владата има свој делокруг на делување и доколку така смета, треба да објасни каква и е идејата, што сака да постигне, дали е тоа од времен карактер, колку време би траело, изјави Ангелоски пред работната средба со главниот извршен директор на Македонска берза АД, Иван Штериев.
Прашан како е можно килограм кромид да чини 90 денари, тој одговори дека веројатно причината е големата побарувачка за сметка на понудата. Притоа, посочи дека досега добиле десеттина барања од европски компании за откуп на домашниот кромид, заклучувајќи дека постои недостиг на овој производ на европскиот пазар.
„Претпоставувам дека тоа е причината за вака високата цена. Живееме во реален свет. Ако има поголема побарувачка од понуда, секогаш цените растат“, вели Ангелоски.