Во иднина, граѓаните нема да плаќаат дополнително за повици, СМС-пораки и интернет при престој во земјите од Европска Унија. Балканскиот модел на роаминг сакаме да го пресликаме и за ЕУ, a Македонија ќе биде првата земја од регионот што ќе ги исполни обврските за укинување на дополнителните трошоци, најави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
„Ветив, ќе бидеме прва држава која ќе ги исполни задачите. Тоа значи нема да плаќате дополнително кога сте во ЕУ. Балканскиот модел на роаминг сакаме да го пресликаме и за ЕУ. Ние ја завршивме својата работа, го испративме текстот до ЕУ за мислење и ќе го изгласаме во Собранието“, нагласи Андоновски во емисијата „Клик Плус“.
Тој информира дека и покрај дополнителните прашања од Брисел доставени пред две недели, планот останува непроменет и државата е подготвена да ја финализира законската регулатива.
Во однос на евроинтеграциите, Андоновски нагласи дека земјата не отстапува од европскиот пат, но инсистира секој нареден чекор да биде проследен со јасни гаранции. Според него, и покрај тоа што не се отворени преговори и кластери, државата активно ги спроведува реформите и ги исполнува обврските.
Аналитика








