ПОВЕЌЕ

    Ananas.rs стана сопственик на сајтовите Grouper.mk и PaoPao.mk во Македонија

    Време зa читање: 3 минути

    Маркетплејс платформата за онлајн продажба, Ananas.rs, со седиште во Србија, од Payten го откупи 100% од сопствеништвото на компанијата ВЕБСПОТ со што стана сопственик на македонските брендови за онлајн купување Grouper.mk и PaoPao.mk.

    На македонскиот пазар Grouper.mk е познат по бизнисот за продажба на купони за услуги, додека неодамна лансираниот сајт PaoPao.mk претставува marketplace платформа за онлајн купување на производи. Аквизицијата на Grouper.mk како водечки сајт за е-трговија на македонскиот пазар со скоро 300.000 корисници и 3.000 трговци, претставува прв чекор на Ananas кон регионално ширење. Оваа аквизиција ќе му овозможи на Ananas брз влез на македонскиот пазар како и воведување на нивните иновации и нови концепти.

    Marketplace платфомрата Ananas е дел од корпорацијата Делта Холдинг со седиште во Белград. Првите продажби на платформата беа извршени летото 2021, а денес Ананас на своите купувачи им нуди повеќе од 150.000 различни производи, по пат на разгранета мрежа со преку 200 партнери. За помалку од една година Ananas.rs го имаат посетено повеќе од милион купувачи. Со лансирањето на Ананас, компанијата Делта Холдинг ја најави својата амбиција да создаде регионален гигант во онлајн трговијата и подготвеност во овој проект да вложи околу 100 милиони евра во првите 5 години.

    „Пазарот во Македонија, купувачите, но и онлајн продавачите, со оваа аквизиција добиваат сигурен, лојален и долгорочен партнер, подготвен да инвестира во развојот на овој бизнис, но и во развојот на целиот македонски екосистем на е-трговија. Имаме план да го понудиме најголемиот marketplace во оваа земја со широк асортиман на производи, сигурна и брза испорака, безбедно плаќање и многу иновативни решенија кои до сега ги има само на развиените пазари“, изјави Марко Царевиќ, главниот извршен директор (CEO) на Ananas.

    На почетокот на нивниот бизнис, од Ананас најавија дека српскиот пазар е само почетна точка и дека амбицијата на акционерите и самата компанија е овој marketplace да се појави и на останатите пазари во регионот на Западен Балкан.

    „Со репутацијата и силата на Делта Холдинг зад нас, но и со иновативниот бизнис модел што го донесе не само Ananas туку и неговите глобални партнери како што се Boston Consulting Group, HTEC и други, уверени сме дека ќе овозможиме ново шопинг искуство за купувачите од целиот регион, а на продавачите доверлив партнер и место каде што ќе можат да ги спроведат и најамбициозните бизнис планови“, вели Марко Царевиќ.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично