Во првиот квартал од годинава во Македонија имало 683.242 вработени, покажува Анкетата на работната сила што ја објави Државниот завод за статистика. Од оваа бројка, што ги опфаќа и формално и неформално вработените, во приватниот сектор се 507.000 вработени, а во државен, или, пак, во друштва со мешовита сопственост, има 176.242 вработени, што значи дека секој четврт вработен е на „државни јасли“. По сектори, пак, најмногу вработени има во преработувачката индустрија, потоа е трговијата, а наредните три места се резервирани за одбраната, здравството и образованието.
ТОП 5 СЕКТОРИ по број на вработени во првиот квартал
Сектор | Вработени |
---|---|
Преработувачка индустрија | 132.922 |
Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли | 114.052 |
Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување | 53.296 |
Дејности на здравствена и социјална заштита | 52.702 |
Образование | 45.170 |
Извор: Државен завод за статистика.
Статистичарите информираа дека ова е прва анкета според новата методологија, согласно со директивите од ЕУ, и дека не е споредлива со претходните. Анкетата за работна сила ја мери економската активност на населението во период на набљудување од една недела. Според дефиницијата, вработени се лица на возраст од 15 до 89 години, кои во референтната недела работеле најмалку еден час за плата или надоместок во пари или во натура, вклучително и неплатено помагање на членовите на семејството. Според тоа, потенцираат статистичарите, како вработено лице може да се класифицира и пензионер, домаќинка, студент или лице кое не е формално вработено. Во ова група се и оние што се на породилно отсуство, вработени што се на боледување, или вработени што од други причини се привремено отсутни.
ЕУ ГИ КРЕНА ГРАНИЦИТЕ НА РАБОТОСПОСОБНО НАСЕЛЕНИЕ ДО 89 ГОДИНИ
Европските директиви ги подигнаа границите за опсервација на работоспособно население, па сега тие се од 15 до 89 години. Според Анкетата, такво население во Македонија во првиот квартал од годинава имало 1.513.786, а од нив активното население брои 787.645 жители, од кои 683.242 се вработени. Сепак, стапка на невработеност не се пресметува за лицата до 89 години, туку Анкетата нуди две пресметки: една за стапка на невработеност на лица од 15 до 74 години, и таа е 13,4 проценти, и друга е стапка на невработеност на лица од 15 до 64 години, и таа е 13,3 проценти.
Податоците покажуваат дека стапката на активност на населението од 15 до 89 години е 52 проценти. Но, она што би било пореална стапка за анализа е активноста на населението од 15 до 64 години, а таа е 65,2 проценти, при што кај мажите е 76 проценти, а кај жените е значително помалку и е 54,4 проценти. Голем расчекор има и во однос на вработувањата кај жените и кај мажите. Вработени мажи се 395.090, а жени 288.152, иако има поголем број на работоспособни жени од мажи. Но, бидејќи бројот на активни жени е помал, и стапката на невработеност кај нив е помала.
Мажи Жени
Работоспособни (15 – 89) 744.363 769.423
Активно население (15 – 89) 461.677 325.968
Вработени (15 – 89) 395.090 288.152
Стапка на невработеност (15 – 64) 14,6 % 11,7 %
Извор: Државен завод за статистика
КАДЕ ДА БАРААТ РАБОТА НЕВРАБОТЕНИТЕ?
Според Анкетата на работна сила, во првиот квартал од годинава имало 104.403 невработени на возраст од 15 до 74 години. Овој податок е сличен на последниот податок од Агенцијата за вработување за април, според кој во државава како активни баратели на работа се пријавени 107.588 луѓе. На пазарот на труд, пак, редовно има од 7.000 до 10.000 слободни работни места и Агенцијата постојано ги ажурира. Во моментот додека се пишува овој текст има 7.747 слободни работни места, а најмногу се бараат работници во трговијата – 1.656, речиси исто толку – 1.652 вработувања нуди преработувачката индустрија. Потоа се градежништвото, угостителството и транспортот.
ТОП 5 дејности по слободни работни места
Дејност | Слободни работни места |
---|---|
Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли | 1.656 |
Преработувачка индустрија | 1.652 |
Градежништво | 978 |
Објекти за сместување и сервисни дејности со храна | 967 |
Транспорт и складирање | 671 |
Редакција Пари