ПОВЕЌЕ

    ВО БОРБАТА СО ФАЛСИФИКАТИТЕ ГОЛЕМИТЕ БРЕНДОВИ ПОНУДИЈА ПОДОСТАПНИ ВЕРЗИИ НА СВОИТЕ ПРОИЗВОДИ – Ана Пепељугоска во New Biz

    Време зa читање: 6 минути

    Уличните продавачи, платформите за е-трговија и социјалните мрежи се трите најдостапни места за фалсификувани производи. Најчесто се купуваат козметички производи, игри за забава, играчки, електроника, односно мали електронски апарати… Тоа го покажуваат најновите истражувања. Нивната употреба може да предизвика сериозни штети по човековото здравје. „Не би сакала да знам што може да се случи ако користиш лек што е фалсификат, или е несоодветно чуван, со поминат рок, неодобрен од производителот“, вели во поткастот New Biz д-р Ана Пепељугоска, експерт во доменот на заштита на интелектуална сопственост и право на конкуренција, адвокат-партнер во Адвокатското друштво Пепељугоски, кое 25 години наназад ги штити правата на големи компании како Гугл, Мајкрософт, Мерцедес, Тиквеш, Пивара Скопје и многу други.

    Фалсификувањето производи постоело и ќе постои понатаму, укажува Пепељугоска.

    „Работата е да го намалиме и да го минимизираме и да ја подигнеме свеста за тоа што е предмет на финансирање со парите што ги даваме за купување фалсификат производи. Општо познато е дека со продажбата на фалсификувани производи се придонесува за финансирање нелегална трговија со дрога, оружје, со луѓе… И тоа, многу повеќе отколку што имаат приходи од самата таа трговија. Сепак, има луѓе кои не се свесни за тој феномен и одбиваат да го игнорираат“.

    Притоа, посочува на статистиката работена во рамките на Меѓународната организација за трговски марки, која покажува дека 38% од испитаниците, припадници на генерацијата зет, сметаат дека треба да биде забрането купувањето фалсификувани производи, а 25% дека треба да биде дозволено. Со напомена дека со поголемо задоволство ќе заштедат, со цел да ги потрошат своите средства на поевтин производ, иако тој може да биде фалсификат.

    „Поразително е што генерацијата зет е онаа која најмногу се занимава со нарачување и купување фалсификувани производи. Според мене, не би требало да биде така, зашто тие се толку едуцирани за тоа што значи производ кој не повредува права од интелектуална сопственост, а што значи производ кој е фалсификат, особено што во денешно време навистина се работи на подигнување на свеста за продажбата на фалсификувани производи. Но, тие одбираат да купат фалсификат, затоа што фалсификатот е подостапен. И поевтин. И тоа е причината зошто големите брендови почнуваат да прават верзии на своите производи кои се подостапни за потрошувачите. На таков начин сметаат дека ќе се борат со продажбата на фалсификати. Високо развиените држави имаат развиено и онлајн мониторинг, исто како и големите платформи како Амазон, И-Беј, за да се спречи таа трговија со фалсификувани производи“, вели Пепељугоска.

    Таа нагласува дека со интернетот и дигиталните технологии се појавуваат и првите поголеми, позначајни предизвици за интелектуалната сопственост, а биле потребни десеттина години за да се надминат и да се стават во одредена форма. Оттаму и нејзиното очекување дека „и за сите нови предизвици кои се дојдени со развојот на интернетот, како социјалните мрежи, онлајн платформите, вештачката интелигенциа, блокчејнот…, ќе треба да помине извесен временски период за да можеме да кажеме постојат одредени кодификации кои ова го ставаат во одредена правна рамка“.

    Дури може да се констатира дека новите технологии одат во насока на кршење на правата од интелектуалната сопственост, вели Пепељугоска и образложува:

    „Ако се погледнат споровите што се актуелни во последно време, можам да кажам дека одат во насока на повреда, а не во насока на штитење, иако не мислам лично дека целта на развојот на технологиите е како да се овозможи или да се олесни начинот на кој би се повредувале правата од интелектуална сопственост. Напротив, сметам дека нивната цел е да се овозможи поголема достапност, намалување на трошоците, ефикасност, употреба во одредени позитивни цели, како што гледаме во секторот здравство. Вештачката интелигенција има голем напредок и овоможува детектирање на одредени процеси кои претходно на луѓето не им биле достапни. Интересно е да се напомене дека во светот постојат обиди за регулирање на вештачката интелигенција. И тоа обиди кои одат од една во друга крајност“.

    Како пример ги наведува САД, каде во тој домен имаат пристап на саморегулација, како и Кина, кае што постои строга регулатива. Во ЕУ, пак, регулативата датира од крајот на 2023 и почетокот на 2024, кога е донесен т.н. AI act, или актот на вештачка интелигенција, кој се обидува да направи еден микс од претерана регулација и од саморегулација.

    „Интересно е дека начинот на кој е формиран овој акт многу наликува на прописите од областа на заштитата на личните податоци, од причина што предвидува нивоа на ризици и санкции соодветно на тоа каков вид на повреди би можеле да настанат. Ги врзува со обртот на компаниите. Останува допрва да видиме како овој акт ќе се применува во државите членки на ЕУ, бидејќи како и секој друг акт донесен на ниво на ЕУ, остава простор државите да го усогласат со своето законодавство. Меѓутоа, акцентот што е ставен во овој акт е повеќе од аспект на оние социјални и економски проблеми и општествени феномени, кои можат да бидат загрозени од страна на вештачката интелигенција. Во овој момент не гледам нешто што специфично ја адресира интелектуалната сопственост“, појаснува Пепељугоска.

    Прекршувањата на прават на интелектуална сопственост се бројни. Затоа и се креирани наменски софтвери за вештачка интелигенција кои ги скенираат мрежите, интернет просторот во потрага по повредите, да откријат каде и од кого се прави таквата повреда.

    Ова има голема експанзија“. Софтверите работат и на принцип на вештачка интелигенција, но многу повеќе на принцип на блокчејн. Од моето искуство, тие се мошне ефикасни и точни. Досега сум имала неколку случаи во праксата, каде такви софтвери се употребени да се детектира неовластена употреба на одредени авторски дела од одредени компании со голем степен на точност. Исто така, тоа е многу често во индустријата на заштита на фотографии, особено на оние фотографи што се познати или нивните фотографии се објавени во многу познати списанија… Дури и самите списанија имаат имплементирано вакави механизми, за да можат да ги ловат оние кои прават повреди“, наведува Пепељугоска.

    Што се однесува до усвојувањето на овие алатки, заинтересирани се државите, но во споредба со системот кој треба да ги спроведува, многу позаинтересирани се имателите на правата.

    „Според моите сознанија, државите се заинтиересирани, особено за сајбер безбедноста. Такви иницијативи постојат и кај нас во овој дел на сајбер безбедноста. До каде и колку се имплементирани, колку се во чекор со светските трендови, не би можела да кажам, заради тоа што нема некои податоци што ги имаат објавено јавно и податоци кои компаративно би можеле да ги споредиме.

    За разлика од нив, носителите на правата многу повеќе инвестираат во оваа работа. На пример, онлајн платформите имаат свои алгоритми, преку кои можат да детектираат кои вендори на нивните платформи нудат фалсификат производи. Исто така и софтверите што ги кажавме претходно, служат во насока на носителите на правата и на обезбедување нивна ефективна заштита во ситуација кога новите технологии овозможуваат многу полесен начин на повреда на правата од интелектуална сопственост“, вели експертот Ана Пепељугоска.

    Целата епизода и слични на оваа се достапни на  New Biz Podcast

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично