
Сенатот на САД по трет пат за само три дена јавно ја оспори трговската политика на претседателот Доналд Трамп, сигнализирајќи растечко незадоволство дури и меѓу дел од неговите сопартијци. Со 51 глас „за“ и 47 „против“, сенаторите во четвртокот изгласаа резолуција за укинување на националната вонредна состојба што Трамп ја прогласи оваа пролет како правна основа за воведување глобални царини од 10 до 50 проценти врз увозот од речиси сите земји во светот.
Резолуцијата следеше по две други слични мерки усвоени претходно во неделата за укинување на царините за стоки од Канада и Бразил, и сите три добија поддршка од четворица републиканци кои отворено ја критикуваат агресивната трговска политика на претседателот: Сузан Колинс од Мејн, Лиза Мурковски од Алјаска, Ренд Пол и Мич Меконел, двајцата од Кентаки. Тие гласаа заедно со демократското мнозинство, нагласувајќи дека несогласувањето со Белата куќа не е само партиско прашање, туку и економско.
Сепак, гласовите на Сенатот остануваат симболични. Раководството на републиканците во Претставничкиот дом веќе ги блокираше сите гласања поврзани со тарифите до март, што значи дека резолуциите нема да имаат практичен ефект освен ако не се обезбеди двотретинско мнозинство за надминување на можниот претседателски вето.
„Американските семејства се притиснати од цените што растат и растат,“ изјави сенаторот Рон Вајден од Орегон, автор на резолуцијата, повикувајќи на крај на, како што рече, „даноците на Доналд Трамп што ги празнат паричниците на Американците“. Од другата страна, сенаторот Мајк Крапо од Ајдахо ја бранеше администрацијата, тврдејќи дека претседателот конечно бара правична трговија и дека царините се неопходен притисок врз странските земји кои „со децении ги поткопувале американските производители“.
Меконел, кој ретко јавно се дистанцира од Трамп, овојпат беше остар: „Царините го прават и градењето и купувањето во Америка поскапо. Економските штети од трговските војни не се исклучок од историјата, туку правило.“ Неговиот став го сподели и сенаторот Пол, кој ја обвини администрацијата за злоупотреба на Законот за вонредна состојба од 1977 година за да се воведат глобалните давачки. „Тврдењето дека трговскиот дефицит претставува национална вонредна состојба е апсурдно“, рече тој, нарекувајќи го „целосно бесмислено сметководство на трговијата“.
Трамп, пак, ја бранеше својата политика како дел од стратегија за „Денот на ослободувањето“, тврдејќи дека преку царини ќе ги натера странските партнери да склучуваат „пофер договори“ со САД. Од април наваму, неговата администрација собрала повеќе од 88 милијарди долари во царински приходи, но истовремено економистите предупредуваат дека трошоците најмногу паѓаат врз американските потрошувачи и мали бизниси. Според проценките на Даночната фондација, тарифите може да ја чинат просечното домаќинство околу 1.600 долари годишно и да го намалат бруто домашниот производ за половина процент во следната деценија.
И додека Сенатот ги испраќаше своите симболични пораки од Вашингтон, Трамп патуваше низ Азија, промовирајќи ги истите тие царини како клучен инструмент за добивање нови трговски договори и ветени странски инвестиции. Политичката драма во Конгресот, иако засега без конкретен исход, открива сѐ подлабока поделеност во американската политика – не само меѓу партиите, туку и во рамки на самата Републиканска партија – за тоа дали трговските војни се пат кон економска сила или кон нова, поскапа изолација.
 Аналитика
 Аналитика



 
                                    




