 Стабилен раст и позитивни резултати бележи Алкалоид во деветте месеци од годинава, потврдувајќи ја позицијата на една од најуспешните компании во земјава. Постигнувањата се повисоки од претходните: нето-добивката на консолидирана основа изнесува 1,49 милијарди денари, односно 24,2 милиони евра, со раст од 8 насто во споредба со истиот период лани; единечната добивка е нешто поголема – 24,9 милиони евра, зголемена за 7 насто на годишно ниво. Или, работите се одвиваат плански и не отстапуваат од зацртаната линија: продажбата на домашен и на странски терен се зголемува, инвестициите се редовна практика, исто како и новите вработувања.
Стабилен раст и позитивни резултати бележи Алкалоид во деветте месеци од годинава, потврдувајќи ја позицијата на една од најуспешните компании во земјава. Постигнувањата се повисоки од претходните: нето-добивката на консолидирана основа изнесува 1,49 милијарди денари, односно 24,2 милиони евра, со раст од 8 насто во споредба со истиот период лани; единечната добивка е нешто поголема – 24,9 милиони евра, зголемена за 7 насто на годишно ниво. Или, работите се одвиваат плански и не отстапуваат од зацртаната линија: продажбата на домашен и на странски терен се зголемува, инвестициите се редовна практика, исто како и новите вработувања.
Продажбите достигнуваат 165,5 милиони евра, за два насто повеќе од истиот лански период. Тоа е според единечниот биланс на успех. А, вкупните консолидирани продажби се 247 милиони евра (+7 %).
„Во 2024 година остваривме импресивен раст од 14%, што ги надмина нашите првични проекции и претставуваше значително зголемување во однос на планираното за 2024 година. Ваквиот исклучителен резултат во 2024 година постави висока основа за тековната година, при што моменталниот раст е умерен, но е во согласност со предвидената динамика. Во споредба со планираните продажби за првата половина од 2025 година реализираните се поголеми за 2 %“, велат од Алкалоид.
Оттаму, консолидираните продажби на домашниот пазар се зголемени за 17 насто. Притоа, се напоменува дека компанијата активно учествува во обезбедувањето најсовремени ретки и специфични терапии преку застапување на производите на светски реномирани фармацевтски производители, обезбедувајќи значајна поддршка за здравствениот систем во земјава. На домашната територија се остварени 35 отсто од приходите. А од извоз 65 отсто. И тоа, зо земјите од Југоисточна Европа се остварени 27, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) 19, а во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) 18 отсто од вкупните консолидирани продажби.
На странските пазари, според растот, се издвојуваат продажбите во Австрија – зголемени 6 пати; Холандија (5,5 пати), Шведска (4 пати), Финска (3,5 пати), Малта и Јужна Африка каде што продажбите се зголемени за два пати. Според процентуалниот раст предничи пласманот и продажбата во Исланд (83%), а следат Португалија (59%), Ирска (45%), Грузија (40%), Казахстан (29%), Полска (23%), Германија (19%), Босна и Херцеговина (14%), Ерменија (13%)…
Најбарани, односно најкупувани со 91 отсто се производите од сегментот фармација. Особено антибиотиците (23%). Хемија, козметика и билкарство имаат деветпроцентен удел во вкупните консолидирани продажби.
Инаку, како што се наведува, при извршувањето на оперативните активности Алкалоид ангажирал повеќе од 1.000 домашни добавувачи.
Тимот што стои зад деловните постигнувања, во деветте месеци е зголемен за 46 нововработени. Групацијата брои 2.996 вработени. Во земјава се ангажирани 2.251, а 745 работат во капитално поврзаните друштва во странство. Сите тие во март го добиле регресот за годишен одмор од 44.500 денари. Всушност, компанијата е позната и по грижата за своите вработени, а и официјално е прогласувана за најпосакуван работодавач.
Сето ова се рефлектира и врз акциите на Алкалоид кои остануваат меѓу најликвидните на Македонската берза, со просечна цена од 27.335 денари, што претставува раст од 31,7 насто во однос на истиот период лани. Пазарната капитализација на компанијата на крајот на септември изнесува 36,9 милијарди денари или 600 милиони евра. Акциите, со состојба од последниот ден на септември, се во сопственост на 6.395 акционери – граѓани и правни лица.
Според Бизнис-планот за годинава, компанијата предвидува раст од 8 насто на продажбите и 7 насто на профитот во однос на 2024 година, со континуирани вложувања во нови технологии, истражувања и човечки капитал.
 Аналитика
 Аналитика



 
                                     
                                    




